Општина Битола ќе го реконструира планинарскиот дом „Копанки“

На иницијатива на градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски и во соработка со планинарскиот спортски клуб ПСК Пелистер, во 2022 година ќе биде реконструиран планинарскиот дом „Копанки“.



Како што е познато, пред девет години во целост изгоре планинарскиот дом „Копанки“ сместен на атрактивна локација на планината Баба.

-После повеќе состаноци со вљубениците во планината и планинарските спортови, првпат после 9 години, со верба сме дека наскоро ќе се исполни долгогодишната желба на битолчани „Копанки“ да биде место за чајенки на нашите сограѓани, но и атракција за гостите на Пелистер, најави Коњановски.

Со уважување на жалбата на Здружението планинарски спортски клуб „Пелистер“ од страна на Вишиот управен суд, поништени се решенијата кои во изминатиот период беа донесени од Општина Битола, постапка е завршена, а согласно законската регулатива, локалната самоуправа може да даде поддршка за обнова на објектот, кој е еден од симболите на Битола, изграден во далечната 1938 година.