Делот од автопатот во Бугарија каде се запали македонскиот автобус пак во употреба со истите 120 км/ч

Еден месец по тешката сообраќајна несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија во која загинаа 45 лица од автобусот на македонската агенција „Беса транс“ обновено е движењето по лентата за Дупница и граничниот премин Кулата.



Наспроти најавите за намалување на дозволената брзина на движење на 90 км/ч, и понатаму останува претходниот лимит од 120 км/ч.

На местото на настанот се сменети старите банкини со нови, подновена е хоризонталната сигнализација, а сменета е и металната ограда што ја проби автобусот.

По катастрофата на 23 ноември во 2:30 часот движењето по лентата за Дупница и Кулата беше запрено заради извршување истражни дејства и за проверка дали знаците, банкините и хоризонталната сигнализација на тој дел од автопатот се во законските рамки.

Од 23 ноември до денес сообраќајот кон Дупница, Благоевград и Кулата и обратно во овој дел од автопатот се одвиваше двонасочно во лентата кон Софија.

Движењето на оваа делница е обновено поради очекувањето за интензивен сообраќај за празничните денови, а меѓу 23 и 24 километар неколку месеци се вршеше обнова на коловозот.