Стечајниот управник на пропаднатата „Еуростандард банка“ бара 158 илјади евра вкупна награда!

„Душко Тодевски, стечајниот управник на пропадната банка на Трифун Костовски ‘Еуростандард банка’, , бара од стечајниот судија да ја одобри исплатата на неговата награда. На 21 декември 2021 година до судијата го доставил предлогот за награда за себе, како стечаен управник. Бара да му се исплатат повеќе од 153 илјади евра награда од завршената работа досега, кои заедно со сумата од 5.000 евра, која му била исплатена авансно, ќе ја заокружат наградата на околу 158 илјади евра.“ – објави информативниот портал „Фактор.мк“.



Фактор стигна до предлогот за исплата на наградата и во врска со него пишува: „Тодевски кој беше назначен за стечаен управник на 14 август 2020 година, само некое време по предлогот за отворање стечај врз “Еуростандард банка‘, во него објаснува дека со планот за авансна распределба предвидено било да се распредели стечајната маса и тоа парични средства во износ од 3.100.000.000 денари ( 50,4 милиони евра). Согласно со член 3 од Правилникот за награда и надомест на реално потребните трошоци на стечајниот управник и начинот на утврдување на нивната висина, наградата на стечајниот управник се утврдува врз основа на начинот на спроведување на стечајната постапка, висината на паричната вредност за намирување на побарувањето на стечајните доверители и процент на намирување на доверителите. Сево ова и Тодевски го наведува во предлогот.“

„Побарувањата на доверителите се намируваат во висина од 46,8 проценти од утврдените побарувања на вкупен износ од 6.623.672.441 денари сразмерно учеството на вредноста на побарувањето на секој доверител во вкупно утврдените побарувања. Согласно член 5 од Правилникот како горна граница за намирувањето на доверителите се смета 650 милиони денари. По тој основ наградата изнесува 7,5 милиони денари (околу 122 илјади евра).’ – пишува Тодевски.“

„Според Тодевски, тие 122 илјади евра треба да се зголемат за 10 отсто, поради сложеност на стечајната постапка во однос на облиците на имотот на стечајаниот должник и сложеноста на неговото претворање во пари, согласно со член 7 од правилникот. Според сите основи, наведува тој, наградата изнесува 8,25 милиони денари (134.146 евра). Но, поради тоа што бил и ДДВ – обврзник, треба да се плати и ДДВ од 1,485 милиони денари. Севкупно произлегува дека Тодевски бара 9.735.000 денари (158.292 евра). По одбивање на примената авансна награда од околу 5 илјади евра, Тодевски сега бара да му се доисплатат вкупно 153 илјади евра.“ – истакнува „Фактор.мк“.