„Софија е многу важен чинител за опстанокот на новата влада на Ковачевски. По договорот меѓу Македонија и Бугарија, кој се најавува евентуално за во април вгодина, важно е и Брисел да изреагира на таков начин што позитивниот ефект од почетокот на преговорите ќе се почувствува многу бргу кај граѓаните и така да се релативизираат револтот и готовноста за протести, како и чувството дека е направено ‘уште едно ново предавство’ на штета на Македонците.“ – предупредува информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата анализа со наслов „Траењето на новата Влада на Македонија зависи во голема мера од Софија, но уште повеќе од Брисел“.
„Журнал“ пишува: „Напоредно со пресметките кој каква позиција ќе има во новата Влада на Македонија, одат и предвидувањата за траењето на кабинетот на Ковачевски. Прогнозите се многу различни: од оние дека новата Влада ‘нема да ја грее летното сонце’, бидејќи на пролет ќе се одржат предвремени избори, до оние оти ова дополнително зголемено парламентарно мнозинство со новите пратеници може да преживее најмалку до 2023 година, а можеби и до крајот на мандатот. Предвидувањата се засноваат некогаш врз претпочитања, а некогаш врз реалните политички случувања, кои се менуваат секој ден. Постојано се забележуваат влошувања и подобрувања во односите меѓу партиите, но истото се забележува и во односите внатре во партиите и коалициите, кои го сочинуваат новото мнозинство.“
„Во оваа рамка како чинител што ја доведува во прашање долговечноста на кабинетот на Ковачевски често се споменува јавно изразеното незадоволство на малите партии во коалицијата на СДСМ, пред се на ЛДП, ДОМ и Демократскиот сојуз. Тие заедно имаат 4 пратеници. Овие партии не еднаш кажаа дека се незадоволни од начинот на кој се распределува учеството во извршната власт, во Владата, искажувајќи тврдења дека заслужуваат повеќе од она што им е дадено. Меѓу чинителите, кои се анализираат во врска со долгорочната стабилност на Владата во создавање, е и ситуацијата створена во СДСМ во пресрет на заминувањето на моментниот владин кабинет на Заев и доаѓањето на Владата на Ковачевски.“
„Оваа ситуација особено почна да се анализира со предупредувањето на министерката за одбрана Радмила Шекеринска дека нема да биде дел од новата влада. ‘Силната жена’ на СДСМ низ годините не само што предупредуваше за своето заминување од Владата, туку упати и остри критики на сметка на нејзината партија. Тоа ги покрена сомнежите дека новиот мандатар Ковачевски не е прифатлив за сите партиски фракции, како што беше претходно предупредувано.“
„Уште поважен фактор во политичките текови во Македонија е сега опозициската ВМРО-ДПМНЕ која убедливо победи на локалните избори. Со моќта добиена на изборите, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски во секој момент може да ги покрене граѓанските маси на протести, кои можат да ја урнат Владата и да се распишат предвремени избори. Оваа можност се зголемува, ако евентуално спорот меѓу Скопје и Софија заврши со епилог, кој македонските националисти ќе го оценат како штетен за нив. Во тој случај уште повеќе ќе се зголеми расположението за учество на протестите, што евентуално ќе ги организира ВМРО-ДПМНЕ. Поради оваа причина, од особена важност ќе биде решението да претставува компромис, што нема да предизвика загуба за ниту една страна.“
„Ова ја прави Софија многу важен чинител за опстанокот на новата влада. Уште поважно ќе биде како ќе реагира Брисел по евентуалниот договор меѓу Македонија и Бугарија, кој сега во политичките и дипломатските кулоари се најавува најдоцна до април вгодина. Многу е важно Брисел да изреагира на таков начин, што позитивниот ефект од почетокот на преговорите ќе се почувствува многу бргу кај граѓаните и така да се релативизираат револтот и готовноста за протести, како и чувството дека е направено ‘уште едно ново предавство’ на штета на Македонците.“
„Реално, за мала земја како Македонија на Европската Унија нема да и биде тешко да направи таков толку голем позитивен чекор, но секако, се зависи од политичката волја и долгорочните планови за Западниот Балкан. Треба да се има предвид дека, ако ЕУ преземе таков чекор, тоа нема да се одрази позитивно само во Македонија и Албанија, туку и во другите земји, бидејќи ќе создаде уверување дека од интеграцијата се печали многу повеќе одошто од одржувањето на отворените спорови во ситуација без промена.“ – заклучува „Журнал“ во својата анализа.
Home Македонија „Журнал“: По договорот со Бугарија треба да се релативизираат готовноста за протести...





