Во акцијата во „Диво насеље приведени 3 полицајци и 5 цариници

Меѓу десетте лица, приведени во денешната полициска акција која се спроведувала во Куманово, Скопје и Тетово, биле и 3 полицајци и петмина цариници службеници, соопшти МВР.



Деветмина се сомничат дека извршиле кривично дело криумчарење, а тројца од нив за неовластена трговија со прекурсори, а кај еден бил пронајден и одземен кокаин, соопшти МВР.

Акцијата била спроведена по насока од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а полицајци извршиле претрес на повеќе локации во Куманово и Скопје.

„Во текот на месец ноември 2021 година, четворица од нив, меѓу кои два полициски службеници, во два наврата учествувале во неовластено пренесување заради продажба на прекурсори, од царинската испостава на Меѓународен аеродром Скопје до зелениот појас во близина на државната граница меѓу С. Македонија и Косово. Притоа, осомничените царински службеници постапиле спротивно на нивните службени надлежности и не извршиле соодветна контрола на стоката согласно декларираната“, стои во соопштението на МВР.

Осомничените ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје во текот на денешниот ден.

Надлежниот обвинител предлага Судот да им изрече притвор.