Македонија чека повратен одговор од официјална Софија за пакетот барања 5+1 кои беа поставени како услов од бугарска страна за почеток на преговори со Европската Унија.
Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи вели дека одговорите биле доставени до бугарскиот колега Стоев уште на самитот на НАТО во Рига. На овој начин, според него, Македонија го комплетирала своето досие, и земјава не смее да се посочи како причина за незапочнувањето на преговорите со унијата.
„Одговоривме по однос на сите прашања. Сметам дека ова е доволно за да се затвори ова прашање но чекаме одговор од Бугарија по однос на тие ставови кои се надевам ќе продолжат на средба на високо ниво во наредниот период. Се надеваме на што побрза средба за да може таквите разговори на основа на таа размена на мислења по однос на 5-те точки да ги конкретизираме со конкретни чекори“, рече Османи.
Во планот 5+1 за деблокада на македонските евроинтеграции, Бугарија на Македонија и постави неколку услови, меѓу кои немешање во внатрешните прашања во државите, воведување конкретни механизми за спречување на говорот на омраза, продолжување на работата на комисиите, но и вметнување на Бугарите во македонскиот Устав.




