Мостовите на Шилегов заглавени во експропријација – уште 10 години би се чекала реализацијата

ВМРО-ДПМНЕ го обвини бившиот градоначалник Петре Шилегов, дека градот го оставил во долг од неверојатни 160 милиони евра. Од СДСМ возвратија со констатацијата дека Данела Арсовска има опасни намери, бидејќи се откажала од изградбата на мостовите на АСНОМ и Љубљанска.



Контра-реплика стигна повторно од опозицијата, од каде откриваат дека мостовите требало да се градат на приватно земјиште, односно дека претходниот градоначалник не го завршил процесот на експропријација.

– Мост АСНОМ од Аеродром кон Гази Баба, од 100-тина има само 18 решени предмети за исплата на земјиште. 12 предмети се уште во постапка без согласност за цена, 25 предмети во подготовка, 11 предмети со повеќегодишни имотно правни спорови меѓу сопствениците, 44 имоти имаат постапки со барања за приватизација,16 имоти имаат утврдено корисничко право. Сите овие постапки ќе траат со години, а средствата на скопјани наместо да се наменат за конкретни проекти во инфраструктура, водовод, канализација, заштита на животна средина треба да бидат заробени затоа што Шилегов и СДСМ почнувале проекти без било каков конкретен план знаејќи дека не може да се реализира уште 10 години – порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.