Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско, би сакал повторно да се сретне со рускиот патријарх Кирил, а сака да ја посети и Москва.
Московската патријаршија оценува дека средбата во Хавана на аеродромот „Хозе Марти“ пред пет години дала нов поттик на разговорите меѓу двете цркви. Иако Куба е католичка земја, на аеродромот каде се сретнаа папата и патријархот Кирил, имаше обележја на Московската патријаршија, како и на Ватикан.
За евентуална средба треба да се разговара на крајот на годината во Ватикан, кога таму ќе пристигне митрополитот Иларион, задолжен за меѓународни прашања во Московската патријаршија.
„Нашите две Цркви живеат одвоен живот речиси десет века“, рече митрополитот Иларион.
Токму затоа италијанскиот печат најавува состанок на верските поглавари, а прашање е само датумот и местото.
Ако Москва и Ватикан се договорат, тоа ќе биде втора средба на католички и православен поглавар од 1054 година, односно од расколот на црквата (првата средба беше во февруари 2016 година на Куба).
Папата им потврди на италијанските новинари дека во блиска иднина ќе се сретне со рускиот патријарх. „Секогаш сум подготвен да отпатувам во Москва за да разговарам со мојот брат таму, а за тоа не се потребни протоколи“, рече папата Франциско.






