„Ако не ја научивме „преспанската“ лекција, како дотогаш врвен израз на меѓународниот „Македонски експеримент“ („Experimentum Macedonicum“), тогаш веројатно и нема што друго да се стори. Експерименталните глувци веќе не се луѓе, немаат ни чувство за себе ни за елементарно достоинство. Трасата на експериментот и на конечниот национален инженеринг веќе не се ни крие: бесрамно се лицитира со денови, месеци најмногу, за изнаоѓање брзо финално решение на „спорот со Бугарија“. Тоа е само навестување на почетокот на агонијата, која низ неколку генерации, ќе доведе до целосно исчезнување на македонското прашање.“ – вели професорката Билјана Ванковска во својата колумна со наслов „Македонски експеримент“ („Experimentum Macedonicum“), која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Ванковска пишува: „Ова никогаш и не било поврзано со т.н. европска интеграција. Ова денес е прашање на опстанок на македонскиот народ, на неговиот веќе длабоко разнишан и распродаден идентитет, пред земјите-членки на онаа Унија пред која коленичиме. Онака како што му аплаудираа на Преспанскиот договор, со ист жар ќе прифатат ‘секое заемно прифатливо решение’ меѓу Софија и Скопје. Има ли некој нормален што верува дека поништувањето на една мала нација е европска вредност или критериум и дека ЕУ е невина?“
„Би пишувала за фашизоидната политика на Бугарија, но не е до нив – до нас е! Кога Гоце велел дека не познава друг народ што повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот, не можел ни да го замисли она што ние го сведочиме: денешните синови и ќерки не само што ја предадоа, туку и ја распродадоа Македонија, државата што во меѓувреме израсна низ битки и саможртви. Денешните Каини нанесоа толкава доза на разнебитување, што зад нив остануваат само пепел, урнатини и чемер. Тоа што ќе заминат од политичката сцена не е повод ни за радост. Ветеното мораат да го завршат. Оној збунет анонимус-лидер кого не го познаваат ни членовите на неговата партија во распад, ја доби ‘историската улога’ да биде запомнет како ‘лидер’, што го удрил последниот клинец во подготвениот ковчег на Македонија.“
„По овој завршен удар што ни го подготвуваат нема да вреди она ‘колку сме, толку сме, токму сме’ – бидејќи идејата е да прифатиме дека нè нема, оти никогаш не сме ни постоеле, дека вакви немаме иднина и оти мораме да се престориме во Европејци, во нешто подобро од ова што сме (бидејќи, нели, да бидеш Македонец е бедно и мизерно, срамно и назадно). Попусто ќе биде тогаш да обвинуваме, да плачеме и да објаснуваме дека нè измамиле, дека нè завеле. Ниту некој ќе чуе ниту ќе има некој ефект. Пред преспанската операција барем дел од интелектуалната и пошироката јавност го дигна гласот и се бореше до крајот – т.е. до промената на Уставот. Денес како да сме парализирани во пресрет на неизбежното.“
„Ова е само репетиција на истата уиграна епизода – со единствена разлика што на Бугарите подоцна им текнува, па дури сега го бараат она што повештите Грци го добија, со иста покорност, ако не и поголема, со исти ‘гаранции’, ако не и поголеми, со вечни клаузули и, се разбира, со отворање на Уставот за божемни човекови права. Потпомагачите однатре се истите, ене ги на секоја телевизија. И резултатот го знаеме, но она пред што веројатно уште мижеме е дека бугарската капитулација е навистина последната – по неа нема да остане ништо македонско, ништо што би ни останало како наша идентитетска, културна, човечка одредница. Таа ќе биде историска приказна за еден мазохистички народ што се самоукинал и самоизбришал – буквално за НИШТО!!! Па дури и да е за НЕШТО, може ли такви ситни души да се наречат народ?“
„Можеби ова звучи како патетичен (а и задоцнет) апел: а бре Македонче, за каде се готвиш? Борба те чека, борба за да бидеш Македонец! Ова последно софиско допишано сценарио, само треба да го втемели тој синдром за ‘вјеки вјеков’, со устав или без него – ако им дозволиме. Преговорите со Софија мора да прекинат, веднаш. По толку уставни амандмани, гаранции, декларации, договори, симболички и фактички чинови – ние веќе нема што да сториме, за да ја разбудиме совеста кај тој од националромантизам опиен народ. Тоа не е наш проблем, нека си го решаваат бугарските видни луѓе и интелектуалци, освен ако не е тоа израз на европските вредности од 21 век, кои не се промениле од оние колонијалните.“
„Ако продолжиме да спиеме на увото на приспивната песна на сирените од Брисел, наскоро ќе се разбудиме во туѓа држава и со нови внатрешни граници; дури и мојата 90-годишна мајка е свесна за тоа и ме прашува ‘во кој дел ќе припаднеме ние’). Без Македонци, нема смисла ни македонска држава, ни македонска култура, ни македонски јазик, ни поезија, ни наука… Ова што го бараат Радев или Петков е само ехо на ‘администраторите’ од Втората светска војна, Тодор Живков, но уште поважно – на оние што биле подготвени во Балканските војни да гинат за да го приграбат ова парче земја.“
„Ако не ја гледаме таа историска фиксација и константа, тогаш си ја заслужуваме судбината на сираци и апатриди, кои ќе молат некој да ги присвои и стави под свое. Но ако сме подготвени за последната битка, таа треба да започне од стаорците што не сакаат да ја делат чорбата што самите ја запржија и ни ја оставија во аманет.“ – вели Билјана Ванковска, покрај другото, во оваа своја колумна.
Интернет – врска до целата колумна:
https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/experimentum-macedonicum/





