Шефот на дипломатијата Бујар Османи потенцира дека фактот што Бугарија сега има политичка Влада го отвара патот за пронаоѓање решение на спорот и одблокирање на патот на Северна Македонија кон Европската унија, нагласувајќи оти решение може да има уште следниот месец.



„Фактот дека во Бугарија сега има политичка власт ни дава надеж дека двете легитимни влади можат да седнат и да разговараат за сите прашања и првите пораки даваат оптимизам, бидејќи токму тоа го кажавме и самите ние. Потребно е да има сеопфатен пристап.

Да, историјата е важна, но ние секој ден правиме историја, создаваме историја. Јас прифаќам само еден аргумент зошто досега не беше најдено решение, бидејќи немаше политички кабинет. Сега навистина нема причина да се даваат долги рокови, кога има политички кабинет. Има стабилно мнозинство во Република Бугарија и во Република Северна Македонија и можеме да седнеме уште од утре, да ги продолжиме разговорите и уште во јануари да има решение, нагласи Османи за бугарската Нова ТВ, пренесува БГНЕС.

Во интервјуто, Османи меѓу другото потсеќа дека битно е да почнат преговорите, а Бугарија ќе има шанса барем уште 200 пати да ја блокира Македонија во преговарачкиот процес.