Дивоградбите во „Радика вилиџ“ засега нема да се уриваат, откако второстепената владина комисија за инспекциски надзор го поништи решението на општината Маврово и Ростуше за уривање на девет објекти во „Радика вилиџ“ и ја прифати жалбата на инвеститорот.



Причина: градежниот инспектор на општината Маврово и Ростуше наводно изготвил „аматерско“ решение за уривање на објектите кој нелегално се изградени.

Документот до кој дојде ИРЛ е напишан на 9 страни и во него е наведено дека градежниот инспектор на општината  не ги почитувал основните законски одредби при изготвување на записниците од двата извршени надзори на „Радика вилиџ“, како и при носењето на решениeто за рушење на спорните објекти.

Владината комисија ја донела одлуката откако ги разгледала и ги прифатила аргументите во жалбата на инвеститорот на „Радика Ресорт“, Косовецот Шериф Рамука.

Со ова, предметот се враќа во општината Маврово и Ростуше, која треба да постапи според укажувањата на второстепената комисија и повторно да изврши инспекциски надзор согласно сите законски процедури.

Решението за уривање беше донесено на 15 септември, еден месец пред локалните избори и во време кога мавровчани и екологистите бурно реагираа на планот за изградба на 87 викенд куќи во Леуново.

Општината му даде рок на инвеститорот рок од 15 дена да ги урне нелегалните објекти, а доколку тоа не го стори обврската ја презема локалната власт. По решението не постапи ни сопственикот, ни општината.

Градоначалникот Медат Куртовски со решението за уривање ги стивна незадоволните мештани, за сега по изборите да биде поништено решението затоа што не било напишано според прописите.

Досега се изградени 17 куќи, а во процес на изградба се уште девет. Планот на сопственикот е дел од куќите да ги издава, а дел да ги продава по цена од 220.000 до 300.000 евра.