Холандија од утрово и во текот на божиќните празници ќе биде во „локдаун“ за да се ограничи ширењето на инфекцијата со коронавирус, поради новата варијанта на омикрон, најави премиерот Марк Руте.



„Холандија повторно се затвора. Ова е неизбежно затоа што ни доаѓа петтиот бран со омикрон варијанта која се шири побрзо отколку што мислевме. Мораме да интервенираме од претпазливост“, изјави Руте.

Продавниците кои не продаваат храна, рестораните, баровите, кината, музеите и театрите мора да ги затворат своите врати од недела до 14 јануари, а училиштата најмалку до 9 јануари, рече Руте, пренесува Хина.

Се намалува бројот на гости кои можат да се примат дома од четворица на двајца, освен на Божиќ, 25 декември.

Главниот холандски епидемиолог Јап ван Дисел на истата прес-конференција рече дека Омикрон ќе преовлада над делта-сојот во Холандија до крајот на годината.