Француската амбасадорка во Бугарија, Флоранс Робин во гостувањето на емисијата „Светот и ние“ на Бугарската национална телевизија, изјави дека е свесна оти меѓу Софија и Скопје постои спор, но најважното за неа е потребата да се создаде можност за помирување меѓу двете земји.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Робин истакна дека не станува збор за давање зелено светло за влез на Република Северна Македонија во Европската Унија, туку за почеток на преговори, кои ќе потраат повеќе години.
„Не станува збор за давање зелено светло на РСМ за влез во ЕУ, туку се работи за почеток на преговори, а тие ќе траат многу години. Свесни сме дека има спорови меѓу две соседни земји. Што е најважно, мора да се создаде можност за помирување меѓу двете земји“, изјави нејзината екселенција Флоренс Робин, амбасадорката на Франција во Бугарија, во „Светот и ние“ на „БНТ“.
Таа ги коментираше приоритетите на Франција за претстојното претседателство со ЕУ, кое започнува со нова година.
„Имаме две цели – да се погрижиме да се изнајдат позитивни патишта за Република Северна Македонија, а не да западне во ситуација која би ја дестабилизирала. Покрај тоа, Бугарија, која е братска држава и членка на ЕУ, може да помогне. Во исто време, легитимните интереси на Бугарија мора да бидат заштитени“, рече Робин.
Според амбасадорката, Балканот е во срцето на Европа.
„Тоа е точно и од географска, и од историска точка. Тие одиграа многу важна улога во судбината на Европа, така што претседателот Макрон е убеден дека Европа мора да се ангажира со Балканот, и политички и економски. Треба да се направат напори за инвестирање, за развој на инфраструктурата. да покажеме поголема солидарност Од политички аспект треба да се разјасни европската перспектива за Балканот“, рече амбасадорката Робин.







