„Али Ахмети и Христијан Мицковски разговарале околу предвремените избори, а можеби и за можноста за формирање ново парламентарно мнозинство меѓу ВМРО ДПМНЕ и ДУИ. Незадоволството на „Огнената група“ од ДУИ, на која им е одземена од раководење компанијата МЕПСО доведува во прашање најмалку двајца пратеници на ДУИ дали би гласале, или не, за новата Влада, која треба да ја состави Ковачевски.“ – вели информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата анализа со наслов „Откако пропуштивме уште еден датум за преговори, може ли да пропадне формирањето на новата Влада?!“. „Журнал“ е близок до одредени влијателни струи на партијата на Али Ахмети, кои веќе на лидерот му испоставија свое барање не само за подобро репозиционирање во партијата, согласно со победничките резултати на нивните претставници на локалните избори, туку веќе отворено и за учество во новата Влада на Македонија.
Журнал“ пишува: „Македонија пропушти уште една можност да добие датум за ЕУ, или Македонија сè уште не го доби датумот што го прослави пред три години. Иако во Бугарија беше формирана нова Влада, проблемот со јазикот и историјата не беше надминат и затоа се уште нема датум за преговори. Иако не е доволно во овие околности, како сатисфакција останува надежниот став на Брисел дека Македонија и Албанија ќе ги започнат преговорите ‘колку што е можно поскоро’. Новиот бугарски премиер сега дава шестмесечен рок да се реши спорот и да се даде датум за преговори. Оптимизмот за добивање на датумот сè уште е присутен кај политичката елита, но по толку многу оптимистички најавувања еднаш дека датумот ќе се добие ‘во јуни’, а еднаш дека ќе се добие ‘во декември’, во јавноста повеќе не се забележува никаков ентузијазам.“
Нешто не е во ред со Владата на Ковачевски – најмалку два пратеника на ДУИ дали ќе гласаат за неа, или не?!
„Датумот за почеток на преговорите никогаш не бил толку тесно поврзан со создавањето парламентарно мнозинство во Македонија. Токму овој датум беше образложението на пратеникот Кастриот Реџепи да остане во актуелното мнозинство, иако имаше потпишано за формирање на новата влада. Токму датумот за почеток на преговорите беше причината Алтернатива да одлучи да му се приклучи на парламентарното мнозинство, бидејќи опозицијата не успеа да ја урне актуелната Влада, поради гласот на пратеникот Реџепи. Пролонгирањето на именувањето на директорите на Алтернатива, што требаше да се заврши до крајот на минатата недела, како да ги оживеа првите сомнежи дека нешто не е во ред со формирањето на новата Влада, со која треба да раководи штотуку избраниот лидер на СДСМ Димитар Ковачевски. Овие сомнежи ги засили ставот на пратеникот на Алтернатива Скендер Реџепи Зејд дека Алтернатива треба да го преиспита сојузот со парламентарното мнозинство, откако не се успеа да се добие датумот за европреговори.“
„Журнал’ пишуваше и за незадоволството на ‘Огнената група’ – во ДУИ, бидејќи ним им беше одземена компанијата МЕПСО, која ја раководеше Куштрим Рамадани, и не им се даде ништо друго како надоместување. Ова доведе во прашање најмалку двајца пратеници на ДУИ: дали би гласале за новата влада, или не? Покрај тие двајца пратеници на ДУИ, ако ним им се придодаде и пратеникот Скендер Реџепи Зејд, тогаш ќе значи дека се во прашање три гласови на тројца пратеници дали би гласале за новата Влада, или не. Во таква ситуација и ставот на малите партии станува нестабилен.Исто така, се зголемува и можноста за ‘пазари’. Во овој контекст и искажаните разлики меѓу Заев и претседателот Пендроски за ‘Отворен Балкан“ ги зголемуваат сомневањата во врска со компактноста внатре во СДСМ, имајќи предвид дека Пендаровски беше кандидат на оваа партија за претседател и оти има релативно голем авторитет таму.“
Инаку, „Огнената група“ во ДУИ е група на внатрешно – партиски кадри, незадоволни поради позициите во партијата што ги имаат и кои, според нив, не се на заслужено повисоки рамништа. Во оваа „Огнена група“ се потпретседателот Изет Меџити, влијателниот Муса Џафери, Блерим Беџети и други функционери.
„Сите овие случувања можеби го принудија лидерот на ДУИ, Али Ахмети, покрај тоа што се сретна со Заев и Ковачевски, да се сретне и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, каде што разговарале за предвремените избори. Но, кој знае, можеби и за можноста за формирање ново мнозинство меѓу ВМРО и ДУИ.“ – заклучува „Журнал“ во оваа своја анализа.





