ССМ со закон бара минимална плата од 18 000 денари

Сојузот на Синдикати на Македонија изготви законско решение за загарантирана минимална плата од 18.000 денари од 1 јануари. Во Предлог – законот за минимална плата, предвидено е таа да се зголемува како што расте просечната плата која ја пресметува Државниот завод за статистика. Разликата меѓу просечната и минималната плата, ССМ бара да не биде помала од 60 отсто. Или ако просечната плата достигне 34.000 денари до средината на 2024 година како што очекува Владата, тогаш минималната плата да изнесува 20.400 денари.



„Од целиот период од донесувањето на Законот таа плата да го следи порастот на просечната плата во Република Северна Македонија, односно да не се случува просечната плата да расте, а минималната плата да стои во место“, изјави Златко Цветковски, генерален секретар на ССМ.

Предложените измени на Законот за минимална плата од ССМ го испратиле до Собранието и до Влада. Барањето го темелат на неколку елементи:

„Следува навистина покачување на струја, претходно имаше покачување на речиси сите прехрамбени производи и производи за домаќинствата, и сметаме дека сега е моментот кога треба да им помогнеме на работниците, на сите граѓани да што полесно го пребродат овој кризен период“, нагласи Златко Цветковски, генерален секретар на ССМ.

Од Министерството за труд не кажуваат дали за нив е прифатливо минималната плата да изнесува 60% од просечната. Но, велат дека се залагаат за правата и статусот на работниците, а за тоа најавуваат минимална плата од 20.000 денари до крајот на мандатот на Владата во 2024 година.

Доколку барањето на ССМ за раст на минималната плата со растот на просечната не биде прифатено, синдикатите ќе се мобилизираат на генерален штрајк.