Македонија во Црно огледало – или зошто ќе не сотре рамнодушноста! – Пишува Драган Милосављевиќ

Мислам дека не претерувам кога велам дека македонската нација е една од оние кои самите себеси ќе се изедат, испијат, убијат и уништат. Ох не, нема да го направи тоа сиромаштијата. Ние јадеме леб и сол толку долго што материјалното богатство за кое на јаве сонуваме може дури да ни биде и штетно кога по некоја случајност би го добиле. Нема да не суреди ниту некоја војна. Ова е Балкан, не е Скандинавија, овде малку – малку па некој од некаде почнува со пукање. Сме ги преживеале сите досега па нема зошто да не преживееме и уште некоја, ако не дај боже дојде до нови сраженија. Не се сомнвеајте, ниту Ковид 19 со сите варијанти и соеви нема да не сотре. Ние со лук и бабини тревки сме преживеале секакви чуми, лепри, колери, тифуси, па извесно е дека порано или подоцна ќе и го видиме тилот и на последнава пандемија. Корупција, партизација, поскапувања, валкани улици, разни секти, силни ветришта и виулици, сето тоа е гола вода за нас, си живееме со нив како со родени братучеди и ништо не ни недостасува. Не, дами и господа, нас ќе не сотре рамнодушноста. Најподлото оружје за ништење на цели народи кое некогаш е смислено. Бидејќи на Македонецот не му е гајле. Не го занима. Му се фуќка, го боли таквото или поетски кажано не му дреме. И на Македонката исто така, за да нема забуни, молам.



Во модерната верзија на „Зона на самракот“, ултрапопуларната серија „Црно огледало“ (Black Mirror), во една епизода одеднаш на сите екрани, на телевизорите, компјутерите, мобилните телефони, се појавува извесен знак кој девет десетини од целата популација ја шашардисува и сите стануваат бесчувствителни воајери. Што и да се случува наоколу, тие само снимаат со мобилните, ниту зборуваат, ниту покажуваат каква било емоција. Онаа една десетина би требало да е останата нормална ќе речете. Не баш. Дел од нив се всушност родените криминалци, разни психопати и садисти кои совршено се снаоѓаат во новата реалност и почнуваат најпрвин да крадат и пљачкаат неказнето, а потоа за свој мерак и да убиваат се што им стои на патот. Остатокот од оној мал процент се навистина нормалните, а тие прилично лошо се снаоѓаат бидејќи садистите ги гонат и касапат, а воајерите само одат по нив и фаќаат селфија од местото на злосторството. Потоа епизодата оди во неоја друга крајност, но тоа не е важно за нашава сторија. Имено, имам впечатот дека цела Македонија е во една слична епизода на „Црно огледало“ каде улогите речиси идентично се поделени. Мала група политичари, еве не велам садисти и убијци, си го приватизира државниот буџет, си ги контролира судството и обвинителството, си се пресметува преку нив со „државните непријатели,“ си го продаде името на земјата, потпишува блесави договори на наша штета со соседите, си ги поскапува цените на сите производи и услуги, на стратешки места си поставува свои потрчковци, си поткупува новинари и квази-експерти, си мести тендери, просто кажано јаде, тепа, ебе без компас и сето тоа на наша сметка, без око да им трепне или срце да ги заболи.

Една друга мала група се бори против раскалашеноста на првите. Критикува, открива афери и скандали, протестира, штрајкува, дебатира, прашува и инсистира на одговори. Дел гние по затвори, дел се влече по судови. Останува без фондови и плати, а некогаш и без жена, деца, роднини кои бегаат што подалеку од будалите. Предлага подобри закони, се жали во ЕУ, покажува докази, прави програми за промени. Дава отпор, ме разбираш.

А што прави огромното мнозинство? Токму баш ништо. Безизразно блене во телевизорот или снима со телефонот. Молчи. Ако мора нешто да каже тогаш мудро процедува: Ќути таму, може и полошо. Или слична народна умотворина пропетелчува со гримаса на уморен циник. Добро, некои стискаат и лајкови на Фејсбук, ретвитаат на Твитер. Ја прават парче тастатурата. А потоа безволно назад на работа или во редот пред шалтерите и касите. Бидејќи во суштина не ги интересира. Некој ги убедил дека толку можат. Дека немаат сила за повеќе. Дека со „големите“ не вреди да се закачаш „јер ќе го јадеш стапот“. Рамнодушноста ги преплавува нашите улици и домови. Се влече низ парковите и бавчите, ги нагризува кујните и ги понижува спалните соби. Во Црното огледало нема одраз на лица, туку само сенки кои малку треперат, се развлекуваат и на крајот исчезнуваат. Сеедно, зарем не?!