Откако вчера во Приштина, пртседателот на Македонија, Стево Пендаровски, го оцени проектот Отворен Балкан за „фаличен“, премиерот Заев му реплицираше преку изјава за ТВ21 во која му порача дека не е надлежен за клучните придобивки од проектот.
„Особено неразбирливо е кога ваквата негативна реакција доаѓа од првиот човек во државата кој би требало да биде и прв во заштитата на интересите на граѓаните. Во Северна Македонија претседателот на државата нема никакви ингеренции во делот на олеснување на царинските процедури, во делот на воведувањето One Stop Shop премини за брз проток на границите, во делот на признавање на работни дозволи и дипломи“, изјави Заев.
Пендаровски, инаку, изрази мислење дека иницијативата е фалична затоа што во неа членуваат само три држави од регионот: Србија, Албанија и Северна Македонија и вели дека истиот став го споделува со странски соговорници:
„(…) Таа иницијатива е фалична од самиот почеток бидејќи наместо да учествуваат сите шест држави од Западен Балкан учествуваат само половината. И мојот став и понатаму ќе биде дека сѐ додека таа иницијатива не ги опфати сите шест држави на Западен Балкан нема да биде успешна“, оцени Пендаровски на прес-конференцијата со претседателката на Косово Вјоса Османи.
„Јас сум изненаден што Пендаровски ги промени своите ставови за оваа пред сѐ економска иницијатива, но нема да бидам изненаден кога повторно ќе се премисли за да даде поддршка во периодот што доаѓа, а во интерес на граѓаните, државата и регионот“, реагира премиерот во оставка Зоран Заев на изјавата на актуелнииот претседател на државата. ДВ






