Човечкиот потенцијал има огромно значење за растот и за развојот на „Алкалоид“ АД Скопје, а професионалниот пристап во работењето, просперитетот на компанијата и нејзиниот кредибилитет се должат на децениското инвестирање во компаниското начело „Луѓето пред сѐ“, се вели во информацијата поврзана со работата на македонскиот и регионалниот фармацевтски гигант.

Во изминативе 15 години бројот на вработени во Групацијата „Алкалоид“ пораснал од 1.200 на 2.500.

Децениските инвестиции во едукација на македонските лекари и фармацевти, неодамнешните програми за практикантство, најновиот потфат за парцијално дуално образование и слични проекти се причина компанијата да формира сопствен центар за едукација и за обуки во рамките на компанијата, кој ќе служи за изведување
вежби, проби и за обучувања на компанискиот кадар, на практикантите и на учениците.
„На простор од околу 1.000 квадратни метри, кој за неполни 8 месеци го приспособивме, осовременивме и го опремивме во согласност со најновите барања за добра лабораториска пракса, вработените во компанијата,
практикантите и учениците ќе имаат можност во современи простории да ги надградуваат своите знаења и да ги усовршуваат своите вештини. За оваа инвестиција ‘Алкалоид’ досега вложи над 1 милион евра, а во иднина
овој објект ќе се проширува и ќе се надградува за да прерасне во современ центар за едукација, кој целосно ќе ги опслужува барањата на динамичните научни дисциплини со кои работиме“, вели Живко Мукаетов,
Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје.

Центарот за едукација и за обуки е изведен со целосна енергетска ефикасност, а инсталираните системи се со напој од обновливи извори на енергија, односно имаат ниско влијание врз животната околина.
Во рамките на едукативниот центар се наоѓа тренинг-лабораторија, која опфаќа централна лабораторија, просторија за обработка на податоци, посебни простории за прецизни ваги и за ултразвучни бањи, две предавални и други помошни простории, со кои се обезбедува технолошка целина за нормално работење на околу 50 кадри.





