„Дојде крајот на лагите и на манипулациите на владата на Зоран Заев и на нејзината пропаганда. Сега и официјално. Со мур од Брисел.
Македонија не доби датум за почеток на преговорите со Европската Унија. Мислам, не добивме сега. Добивме порано, двапати или трипати, ако ви текнува…
Македонија сега не доби ни било какво сериозно охрабрување. Не доби буквално ништо. Што е крајно невообичаено. Пораката од Брисел овој пат не е ни утеха, туку штура објава на казната.
Да, владата на Зоран Заев е брутално казнета. Заслужено. Така е кога не се работи сериозно, кога надворешната политика се тера како и домашната – со магии и со трикови.
Заев за десет дена ќе ја активира премиерската оставка. Така рекол. Овој пат нема да одрече. Чекаше, се изначека во скутот на ДУИ, а сега мора да се евакуира. Е Зоки, Зоки…
Ова е голем пораз и за македонската дипломатија. Голем неуспех на министерот за надворешни работи Бујар Османи, но и на специјалниот пратеник Владо Бучковски.
Да сум на нивно место, воопшто не би премислувал – сега е вистинското време за достоинствено повлекување. За оставки. Неотповикливи, а не хибридни“.
(…)
„Се надевам дека обајцата ја знаат старата мудрост, која вели – кога на борделот не му оди бизнисот, не се менуваат чаршафите, туку сексуалните работнички и работници.
Ако сака напредок и успех, новиот лидер на СДСМ и иден премиер, Димитар Ковачевски, мора да оформи нов преговарачки тим. Овој сегашниов е потрошен, искомпромитиран и заглавен во безидејност. Дури мислам дека и Брисел и Софија би сакале да видат нови лица од македонска страна во преговарачкиот процес“ – додава Героски.
Од колумната на новинарот Бранко Героски за „Плусинфо“






