Радев: Македонија е надвор од агендата на ЕУ, нема преговори во јуни без прифаќање на бугарските позиции

Наспроти премиерот Петков кој зборува за рок од 6 месеци во кој со одредени проширувања на соработката Македонија би можела да почне преговори со ЕУ бугарскиот претседател вели дека во игра нема рокови рок туку единствено резултати односно македонски прифаќања на бугарските позиции.



„На сите европски совети – од мај, разговарав со секој европски лидер на тема Македонија. Сакам да им се заблагодарам, бидејќи по втор пат темата за проширувањето, особено за Македонија е надвор од агендата.

Нашите партнери конечно разбраа каде е вистинскиот проблем. Ќе продолжиме да ја браниме не само историјата, културата, туку и почитувањето на правата на македонските Бугари. Тие мора да ги добијат нивните јасни уставни гаранции – најважниот критериум на критериумите од Копенхаген“.

Ова го изјави претседателот Румен Радев за бугарските медиуми во Брисел, каде заедно со лидерите на земјите од ЕУ учествуваше во форматот „Источно партнерство“.

На прашањето дали даваме рокови, Радев вели:

„Овој процес не е воден од рокови, тој е воден од резултати. Ние не даваме рокови. Очекуваме резултати и сите обиди за притисок врз Бугарија се контрапродуктивни, тие водат до одложување на процесот и тоа треба да го разберат сите.

Шефот на бугарската држава вели дека не очекува притисок од францускиот претседател Емануел Макрон кој според него јасно ја знае позицијата на Бугарија.

„Значи, не очекувам притисок. Каков и да има притисок, тоа е веќе во историјата. Имаме јасен договор со претседателот на Франција. Со Франција треба да ги решиме енергетските прашања“, додаде Радев.

Претседателот Радев вели дека најлошото било на Советот на 6-ти октомври во Словенија.

„Тогаш бев сам против сите. Прво имаше подготвителен напад од лидерите на европските институции, потоа имавме средба со Меркел и Макрон, но Бугарија го бранеше својот став.

Повеќето од нашите европски партнери ја разбираат суштината на проблемот. Тоа оди многу подалеку од идејата за историски спор меѓу две соседни земји. „Ова е проблем што длабоко ги погодува темелите на самата ЕУ – тоа се вредностите и принципите што ги исповедаме – човековите права и недискриминацијата“, рече тој.