Мицкоски му честитал на Ковачевски за изборот за лидер на СДСМ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, му честитал на Димитар Ковачевски за изборот за чело на СДСМ, откри опозицискиот лидер во гостувањето во емисијата „Објектив“ на македонската телевизија.



Одговарајќи на прашањето дали се слушнал со Ковачевски по неговиот избор за претседател на СДСМ и дали се разговарале за средба на којашто ќе се дискутира за актуелни прашање во државата, Мицкоски рече дека искомуницирал и му честитал, но немало разговор за можна средба.

Исто така, рече дека не очекува промена во политиките со оглед дека новиот лидер на СДСМ покажува наклон кон Зоран Заев.

Ковачевски победи во трката за нов лидер на СДСМ на внатрепартиските непосредни избори што се одржаа во неделата (12 декември). Од вкупно 44 406 членови што излегоа на гласање, за него гласаа 37 649. Противкандидатите, пак, добија по 2-3 илјади гласови. Поранешната потпретседателка на партијата и експратеничка, Фросина Ременски, доби 2 836 гласа, а актуелниот в.д. директор на Дирекцијата ТИРЗ, Јован Деспотовски, освои 3 319 гласа. Неважечки беа 602 ливчиња.

Истиот ден, реизбран за лидер беше и Христијан Мицкоски. Како единствен кандидат, на партискиот Конгрес во неделата на кој учествуваа 493 делегати (во ВМРО-ДПМНЕ претседателот го бираат делегатите), тој доби поддршка од 489. Три ливчиња, пак, беа неважечки.

Извор: 360 Степени.