„Мирсад Ндрецај и Бег Ризај, членовите на ‘Кумановската група’ одбија да земат 5 милиони евра и ги убија, за да ги замолчат. Има снимки од тие две момчиња, кога им беа понудени 5-те милиони евра, но не ги прифатија и ги убија… Тоа го сторија службата на претседателот и таа служба, која ја контролираше поранешниот премиер Никола Груевски.“ – има кажано Сами Укшини – ‘командант Соколи’, припадник на ‘Кумановската група’ и сега затвореник по оружениот судир со македонската полиција во Куманово во мај во 2015 година.“ – објави вечерва косовскиот весник „Бота сот“ во својата статија со наслов „Кајтази рече дека зеле 3 милиони евра, но командант Соколи ја кажува вистината: Бег и Мирсад одбија 5 милиони евра, потоа ги убија“.
“Бота сот“ пишува: „Изјавата на новинарот Вехби Кајтази дека ‘Кумановската група’ е криминална банда уште еднаш ја врати како дневна тема затворската казна, која ја издржуваат припадниците на оваа група во затворите во Македонија.
Меѓу другото, Кајтази изјави: ‘Дали знаете дека имало истрага на Специјалното обвинителство на Косово, оти оваа криминална банда планирала да го нападне затворот со високо рамниште на безбедност и да извади оттаму еден друг криминалец, како што е Бедри Красниќи? Во Приштина дојде Али Ахмети, како претставник на Никола Груевски. Тој се сретна со Рамуш Харадинај, за да го предупреди за доаѓање вооружена група, но не доби одговор. Ахмети се сретна и со Хашим Тачи, со Кадри Весели и со тогашниот премиер Иса Мустафа.“
„Според Кајтази, челниците на ‘Кумановската група’ зеле 3 милиони евра.“
„Сите овде бараа решение, бидејќи вооружена група од Косово отишла во Македонија, за да предизвикува немири. Претходно, имаше инцидент во полициската станица на границата. Припадниците на таа група влегоа во станицата и ги разоружаа полицајците. Да не се правиме сега опортунисти и кажете: дали тие беа терористи, или не? Тие од Косово заминаа вооружени во друга држава. Нивните раководители зедоа за тоа 3 милиони евра, кои ги плати македонската служба. Се појавија и сведоштва.’ – кажа Вехби Кајтази.“
„Но, пред некое време, во периодот кога се одвиваше судењето на ‘Кумановската група’ во Македонија, еден од припадниците на оваа група Сами Укшини, познат како ‘командант Соколи’, во своја завршна реч на судењето имаше кажано дека Мирсад Ндрецај и Бег Ризај одбиле 5 милиони евра. Тој кажа дека ги видел со свои очи Бег, Мирсад и други сега веќе починати лица, некаде околу 21 часот на 9 мај, и оти ги убиле, за да ги замолчат, бидејќи водачите не прифатиле да земат 5 милиони евра.“
‘Имаме снимки од тие две момчиња, кога им беа понудени 5-те милиони евра, но не ги прифатија и беа убиени, беа егзекутирани… Од службата на претседателот и од таа служба, која ја контролираше поранешниот премиер Никола Груевски. Ако сме ние терористи, како што не нарекуваат, која нормална држава прави пазар со една група терористи?’ – имаше кажано Сами Укшини.’ – пишува „Бота сот“.
Инаку, по оваа конфузија во искажувањата на новинарот Кајтази и во медиумските статии, кои ги пренесоа тие искажувања, сега останува да се разјасни: штом затвореникот Сами Укшини – ‘командант Соколи“ тврди дека припадниците на оружената група во „Диво Насеље“ Мирсад Ндрецај и Бег Ризај одбиле да примат 5 милиони евра, но и за што, тогаш кои “челници на ‘Кумановската група“, сепак, зеле 3 милиони евра? Ако е тоа вистина, кој кому му нудел колку пари и поради што? Што се наоѓа во заднината на настаните поврзани со „Диво насеље“?





