Закани за вендета по “Канонот на Лек Дукаѓини” за новинарот кој ‘Кумановската група’ ја нарече злосторничка и терористичка банда

Жестоки реакции пристигаат од затворениците за „Диво насеље“ и од членови на нивни семејства на адреса на косовскиот новинар Вехби Кајтази, кој во дебата на телевизијата „Дукаѓини“ ја обвини „Кумановската група“, односно косовските државјани, за предизвикување оружениот судир со македонската специјална полиција во мај 2015 година во кумановско „Диво Насеље“. Кајтази смета дека луѓето кои убија 8 македонски специјалци се “злосторничка банда вооружена до заби, која нема никаква врска со правата на Албанците во Македонија“. „Да не се правиме сега опортунисти и да прашуваме дали се терористи или не. Нивните водачи зеле пари, за што излегоа докази, околу три милиони евра од македонската служба“, изјави Кајтази.

Затвореникот Сами Укшини со прекар „Командант Соколи“, осуден на 40 години затвор, се огласи со реакција на Кајтази, која ја пренесоа многу медиуми на албански јазик во Македонија, Косово и Албанија. Информативниот портал „Ворлд Њуз“ од Албанија го пренесува Укшини: „Да функционираше како што треба на Косово правосудниот систем, тогаш Вехби Кајтази ќе требаше да биде сослушан веднаш по емисијата од државното обвинителство во врска со сумата од 3 милиони евра, која тој ја спомена во текот на емисијата дека божем нашата група е платена со парите на пријателот на Албанците Никола Груевски! Кајтази не споменува дека во 2015 година заеднички во власта со Никола Груевски беше и Али Ахмети. Ако Груевски издвоил 3 милиони евра за еден контролиран конфликт, тогаш парите му биле дадени или на Али Ахмети, или на вицепремиерот од тоа време Муса Џафери. Eве им мала помош на Обвинителството на Косово и на Вехби како истражувачки новинар: ако се дадени пари за инсценирање на случајот во Куманово, тогаш првата алка на таа енигма се Али Ахмети и Муса Џафери.“

„Голем дел на ‘Кумановската група’, кои нас Кајтази не нарекува криминалци и терористи, ние бевме припадници на УЧК во војната во 2001 година во Македонија. Таа војна заврши со наша победа и со Охридскиот договор. Но, тој договор не е спроведен до денес, иако требаше да се оживотвори на 3 јануари 2004 година. Кајтази jа нарекува северна Македонија ‘држава – пријател на Косово’, како да не знае во каква ситуација живеат таму Албанците, на кои продолжува да им се негираат нивните основни права во секој аспект, иако тие сочинуваат повеќе од 40 отсто од населението на таа држава.“

„Ние не сме дел на ниедна политичко – криминална група. Немаме украдени пари, како Али Ахмети, за да плаќаме да не фалат по телевизии. Не веруваме ниту на системот на правдата, бидејќи тој систем е криминален и корумпиран, туку веруваме само во својата чесност и во канунската правда на Лек Дукаѓини. Кајтази од синоќа има кон нас долг согласно со тој Канон: или ќе ја расветли, како што вели, вистината за нашиот случај, или ќе остане во долг и во идните 100 години, и тој и неговото семејство!“ – пренесе „Ворлд Њуз“.

Весникот „Лајм“ од Македонија објави: „Преку видеоврска вчера во емисија на ТВ Дукаѓини се јави Фатмир Речица, припадник на ‘Кумановската група’, осуден на 40 години затвор, реагирајќи во врска со изјавата на Кајтази: ‘Сите ние, кои сме овде, можеме да се наречеме вооружени востаници, но не може да се употребат зборови како ‘терорист’ или слично.“

Информативната агенција ИНА ја пренесува и реакцијата на Илбер Дрецај, братот на “командантот на УЧК“ Мирсад Ндрецај, кој беше убиен во „Диво насеље“: „Кајтази покажа дека е на страната на Груевски и рече дека се убиени 8 полицајци на пријателска држава. Таа држава, која ја нарекува пријателска, кога беше под водство на фашистот Груевски, ги убиваше и ги убиваше и ги колеше, ги затвораше и ги масакрираше Албанците. Корените на антиалбанската власт на Груевски беа сосекувани од пушките на нашите херои, кои се бореа против убиствената нашинерија на неговиот побратим Груевски. Кајтази ќе се види со нас на суд. Доста ги трпевме клеветите и навредите негови и на неговиот сој на удбаши.“



Канонот на Лек Дукаѓини е збирка на мерки согласно албанското обичајно право според кое се уште се решаваат конфликти меѓу луѓето. Во овој канон се зборува и за крвна одмазда како начин на одговор од засегнатите.