„Советот со нетрпение очекува да ги одржи првите меѓувладини конференции со Република Македонија и Албанија што е можно поскоро оваа година, откако ќе биде одобрена преговарачката рамка од Советот“, се вели во нацрт-заклучоците на Советот на ЕУ, чии делови пренесува хрватското издание на порталот Еуроактив од Брисел.
Нацрт-заклучоците, кои требаше да бидат договорени на самитот на ЕУ оваа недела, повикуваат на почитување на билатералните договори со Грција и Бугарија во дух на доверба, јавува порталот.
,,Советот, го поздрави реформскиот напредок на земјата што даде зелено светло за преговори во март 2020 година и одржување на локални избори. Сепак, лидерите на ЕУ, исто така, ги забележаа празнините во правната рамка и повикаа на сеопфатна ревизија на изборното законодавство на навремен и инклузивен начин.
ЕУ ја повика Македонија да ја зајакне слободата на изразување и безбедноста на новинарите”, се вели во извештајот според кој забележан е напредок и во реформата на јавната администрација, иако се потребни дополнителни напори.
Во заклучоците се поздравува реформата на безбедносните и разузнавачките служби во согласност со барањата на НАТО, но истовремено се истакнува дека треба да се зајакне парламентарниот надзор.
Во моментов македонската Агенција за разузнавање бара долгогодишна казна затвор за двајца новинари на емисијата ,,Заспиј ако можеш” Горан Момироски и Драган Милосављевиќ за објавени информации од јавен интерес.
Пописот исто така беше означен како позитивен, а ЕУ во заклучоците вели дека очекува резултати во наредните месеци.






