Србиновски: Негирајќи го македонскиот народ пред ЕУ, Софија врши насилство врз Македонија и меѓународното право

„Отворено негирајќи ги македонскиот јазик, македонската историја и македонскиот народ пред претставниците на ЕУ, софиските политичари под покровителство и заштитен чадор на големците на геополитиката се обидуваат да демонстрираат сила, насилство над помала нација и силување на меѓународното право.“ – вели Александар Србиновски во својата колумна со наслов „ Аргументите на силата ја убиваат силата на аргументите на меѓународното право“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.




Србиновски пишува: „Меѓународното право е систем на правни норми и прописи со кои се регулираат односите во меѓународниот поредок помеѓу државите, како и другите предмети на меѓународната комуникација меѓу земјите. Најзначајните карактеристики на меѓународното право се токму посебните односи меѓу земјите, кои се темелат на еднаквост во меѓународниот поредок, и тие се регулирани со систем на принципи и стандарди, што се фундамент во меѓународните односи и заемна комуникација, уважување, почитување и признавање. Меѓународното право не е пластелин за некој самонаречен балкански ‘уметник’ во политиката да ја калапи и моделира онака како тој си ја замислил. Тоа не може да биде глинен грнчарски сад за готвење ‘зачинети манџи’ од кујната на Софија.“

„Низ годините што изминаа во битни економски и геополитички настани беа прегазени постулатите на меѓународното право. Се отвори рана на меѓународното право и меѓународниот поредок, што ја чувствуваат сите мали земји и нации. Нема веќе кој да ги заштити! Аргументите на силата ја убија силата на аргументите на меѓународното право! Во таквиот контекст на случувањата не е поинаку ниту со нашиот пример. Отворено негирајќи ги македонскиот јазик, македонската историја и македонскиот народ пред претставниците на ЕУ, софиските политичари под покровителство и заштитен чадор на големците на геополитиката се обидуваат да демонстрираат сила, насилство над помала нација и силување на меѓународното право.“

„Без уважувањето на основните постулати на меѓународното право се губи секоја логика на заемното уважување на народите и меѓудржавната соработка. Крајно време е Софија да разбере дека меѓународното право е стриктно и јасно. Македонија не е моќна земја и нема моќни сојузници, за да си дозволи поигрување со меѓународното право, како што тоа го правеше Грција, а сега го прави и Бугарија.“

„Иако состојбите со напредокот на Македонија кон членство во ЕУ личат како да се надвјасани од темни облаци, со игнорирани принципи на меѓународното право од страна на нашите соседи, мора да се истакне дека сепак постои и надеж дека настаните може да се подобрат. Изминативе недели објавени се серија написи објавени во ‘Франкфуртер алгемајне цајтунг’, ‘Дојче веле’, РТС и други медиуми, каде што се забележуваат грубите прекршувања на Бугарија на меѓународното право.“

„Новинарството во Европа на најдобар начин покажува како е возможно да се издигне свеста за овој балкански проблем, ако за него се говори, ако се пишува и ако се известува, односно, ако се користат најразлични канали на комуникација, за да се испрати јасна порака до Брисел за грубите прекршувања на неговите вредности. Сето тоа во медиумите е и повик кон самата ЕУ да се придржува на универзалните утврдени принципи, врз кои е изградено и самото европско семејство! А ако е поинаку, ‘внатрешната експлозија’ на ЕУ е сѐ поблиску!“ – заклучува Србиновски во својата колумна.

Интернет до целата колумна:

https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/nas-stav/%d0%b0%d1%80%d0%b3%d1%83%d0%bc%d0%b5%d0%bd%d1%82%d0%b8%d1%82%d0%b5-%d0%bd%d0%b0-%d1%81%d0%b8%d0%bb%d0%b0%d1%82%d0%b0-%d1%98%d0%b0-%d1%83%d0%b1%d0%b8%d0%b2%d0%b0%d0%b0%d1%82-%d1%81%d0%b8%d0%bb%d0%b0/