Македонија ќе увезува јаглен од Косово за производство на струја

Македонија и Косово во наредниот период ќе потпишат меморандум за разбирање со кој ќе се обезбедат потребните количини косовски јаглен јаглен за непречено производство на електрична енергија од домашните енергетски капацитети во Македонија.



Ова произлезе како резултат по средбата на министерот за економија, Крешник Бектеши, придружуван од заменик-директорот на АД „Електрани на Македонија“ (ЕСМ), Имер Зенку, со министерката за економија на Косово, Артане Ризваноли, и директорот на Косовсата енергетска корпорација (КЕК), Нагип Красниќи.

Владата преговара со Косово за набавка на три милиони тони јаглен, велат од Министерството за економија на Македонија.

„Како Македонија секогаш сме подготвени и заинтересирани да ја зголемиме соработката со Република Косово на секое поле, особено сега кога се соочуваме со здравствената и енергетската криза поради која сме собрани денеска. Значи, ние и претходно сме разговарале, многу сме заинтересирани да ја продлабочиме соработката, особено во однос на набавката на јаглен од Република Косово во Македонија за потребите на функционирањето на термоцентралите бидејќи капацитетите во однос на експлоатацијата на јаглен ни се ограничиени и имајќи предвид дека Косово има значителни резерви, сметаме дека техничките тимови треба да изнајдат решение што ќе биде вин-вин и за Република Косово, но и за Македонија. На тој начин да се зголеми соработката не само со увозот на јаглен туку и во однос на пазарот на електрична енергија воопшто за двете земји.

Ние сме крајно заинтересирани да се изнајде такво решение имајќи предвид дека во одредени месеци и Косово можеби ќе треба да увезува струја од Македонија и обратно, но за да се постигне тоа, сигурно треба да го зголемиме производниот капацитет. Верувам дека еден ваков договор, од кој ќе имаат корист и двете земји, ќе биде договор што во наредниот период ќе обезбеди стабилност во снабдувањето со електрична енергија“ – изјави министерот Бектеши.