Палермо домаќин на мундијалскиот бараж Италија – Македонија

Фудбалската репрезентација на Македонија ќе му излезе на мегдан на домаќинот Италија во Палермо на 24 март во полуфиналето од баражот за Светското првенство 2022 во Катар.



Стадионот „Ренцо Барбера“ доби предност во однос на „Дал’Ара“ во Болоња поради извонредниот скор на „аѕурите“, кои во Палермо имаат забележано 13 победи, едно реми и еден пораз – 1:2 од Хрватска во квалификациите за Европското првенство 1996.

Теренот им е познат на актуелниот македонски репрезентативци Александар Трајковски и Илија Несторовски од времето кога го носеа дресот на Палермо пред пет години.

Победникот од овој натпревар на 29 март ќе игра против подобриот од дуелот Португалија – Турција.

Македонија нема пораз во единствениот дуел со Италија на нејзин терен, одигран во рамките на квалификациите за СП 2018, кога во Торино беше 1:1, откако во Скопје славеа Италијанците со 3:2.