Иако минатата година Митко Јанчев најавуваше дека планира да го преземе челното место во ВМРО-ДПМНЕ, сега тој вели дека тие најави се минато свршено време. Во изјава за „360 степени“, Јанчев исто така вели дека на конгресот в недела ќе му даде поддршка на Мицкоски.
Тоа е минато. Се во свое време. Титулите и позициите не ми се важни. В недела, како делегат на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ, ќе го поддржам Мицкоски, затоа што постигна мошне добри резултати на овие локални избори“, изјавил Јанчев.
Од ВМРО-ДПМНЕ најавија денеска нова доктрина и кадровски промени по конгресот на 12 декември. Од партијата, исто така, брифираат дека Мицкоски, на самиот конгрес, ќе најави сериозни кадровски освежувања што ќе се случат потоа, а во согласност со новите политики на ВМРО-ДПМНЕ. Опозициската партија останува и на ставот за брзи предвремени избори, а во однос на спорот со Бугарија неофицијално велат дека нема да потпишат и да поддржат евентуален договор што би излегол од рамките на Резолуцијата изгласана во јули годинава во македонското Собрание, за црвените линии во преговорите.





