Косовски министер сепак нема да се сретне со осудените за „Диво насеље“

Посетата на косовскиот заменик министер за правда, Блерим Салаху, најавена за денеска, се одложува, дознава Алсат.



Косовскиот функционер на телевизија во Приштина се “пофали” дека ќе се сретне и со доживотно осудените во случајот „Диво насеље“ – учесници во кумановските настани пред 6 и пол години.

Но, неговиот домаќин заменик министерот за правда Агим Нухиу тврдеше дека таква дозвола за посета на најопасните затвореници не е ниту барана ниту дозволена. Процедурата за ваква посета оди преку МНР и Министерството за правда.

Откако се пронесе ставот на македонските власти, Салаху се јавил на Нухиу доцна синоќа и го известил дека ја откажува посетата.

Диво Насеље е еден од 4-те случаи за кои Заев и Гаши договорија меѓународен мониторинг на пресудите и судските постапки што беше остро критикувано од експерти, универзитетски професори, адвокати, а реакција за оваа политичка интервенција имаше и од еснафските здруженија на судии и обвинители.