Постапката за доделување на договорот за воспоставување на јавно приватно партнерство за гасификација на земјата е одложена за за една година, одлучи владата.
Рокот од 24 месеци, воспоставен пред две години, е продолжен за уште 12 месеци.
Ваквата одлука била донесена откако на една од последните владини седници се разговарало за продолжување на рокот за изборот на тоа која компанија како приватен партнер ќе го донесе гасот во домовите и останатите потрошувачи преку изградба и одржување на гасната мрежа.
Владата една година одбира помеѓу турските компании „Акса Догалгас Дагити А.С.“ и „Палмет Енерџи Аноним Ширкети“ за воспоставување на јавно приватно партнерство за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем на природен гас низ Македонија, откако претходно заврши првата фаза на конкурентен дијалог за доделување на договор.
Одбраната компанија, според условите од договорот, ќе треба да инвестира 300 милиони евра за гасификација на населените места низ земјата.
Оној што ќе го добие 35-годишниот договор ќе има право да менаџира и да остварува приход од системот со обезбедување на загревање на јавните установи, како и на комерцијалниот сектор и домаќинствата.
Во најраната фаза ќе треба да ги гасифицира Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Центар, Чаир, Градско, Демир Капија, Кавадарци, Крива Паланка, Куманово, Неготино, Прилеп, Свети Николе, Штип, Битола, Гостивар, Тетово, Кратово и повеќе рурални средини во непосредна близина. Извор: Фактор







