Косово и Албанија им се понудија на САД за евентуална мисија во Украина

Косово и Албанија изразија подготвеност да учествуваат во евентуална мисија во Украина предводена од САД, додека расте стравувањето од руска инвазија во некогашната советска република, пишува „Балкан инсајт“.



„САД, како наш главен и незаменлив стратешки сојузник, ги знаат најдобро оперативните способности и капацитети на Косовските безбедносни сили и ако оценат дека нашите капацитети можат да бидат ангажирани, како што секогаш тврдиме, ќе бидеме подготвени да застанеме покрај нив во каква и да е операција во служба на регионалните мир, безбедност и стабилност. Каде и да се САД, таму е и Косово!“, изјави за БИРН полковникот Сефер Исуфи, шеф за стратешки комуникации во Министерството за одбрана на Косово.

Иако Косово не е дел од НАТО, делумно и поради тоа што четири членки – Романија, Шпанија, Грција и Словачка – не ја признаваат неговата независност, а не го признава ни Украина, Исуфи истакнува дека косовските сили „активно придонесоа“ заедно со НАТО во евакуацијата на бегалците од Авганистан.

Подготвеност за учество во мисија на НАТО во Украина изрази и Албанија, членка на Алијансата од 2009 година.

„Оружените сили на Албанија ќе поддржат секаква одлука што ќе ја донесат САД и НАТО. Ако биде побарано од нас, ќе се вклучиме бидејќи членството во НАТО не е само за примање, туку и за давање. Ве уверувам дека војниците се секогаш подготвени“, изјави полковникот Ардијан Љуљај за тиранската Рипорт ТВ.