Скандал со бугарскиот министер во најава што треба да го решава спорот со Македонија

Кандидатот на бугарската партија „Има таков народ“ за нов министер за надворешни работи не ја кажувал целата вистина во својата официјална биографија.



Димитар Гардев најверојатно излажал за неговото вработување во Европскиот парламент, дознава бугарскиот портал Еурактив, пренесува Бета.

Партиски шеф на Гардев е антимакедонистот Слави Трифонов.

Скандалот со Гардев може да ги наруши коалициските преговори за формирање нова влада, но тешко е да се каже дали тоа ќе го спречи Гардев да стане шеф на дипломатијата, пренесуваат медиумите.

Гардев во својата биографија напишал дека бил советник на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) и на Поткомитетот на ЕУ за безбедност и одбрана (СЕДЕ).

Еурактив Бугарија стапил во контакт со надлежните служби на Европскиот парламент, кои одговорија дека „администрацијата на ЕП нема евиденција дека Димитар Гардев бил член на персоналот во неговиот секретаријат“.

Гардев всушност работел како помошник на бугарската европратеничка Елена Јончева, во нејзината канцеларија во Софија.

Гардев за Еурактив изјави дека тој навистина бил помошник на Јончева и оти во тоа својство покривал прашања од надлежност на комитетите на АФЕТ и СЕДЕ, чиј член била Јончева, јави МИА пренесе Плусинфо.