Стојанов: Колаборационистите ги спроведуваат фанатично Преспанскиот и секоја помисла на наредбодавецот!

„Поимот ‘квислинг’ се користи за да означи срамна соработка на домашни политичари со окупаторот, на штета на сопствениот народ и држава. Ваквите појави денес во политичката наука имаат едно генеричко име – ‘колаборационизам’. Постојат колаборационисти, кои се оквалификуваат како ‘идеолошки’ и доброволни. Ваквиот вид колаборационизам ме потсети и на нашите, домашни колаборационисти а пропо Преспанскиот договор!“ – вели Трајче Стојанов, професор на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, во својата колумна со наслов „Преспанскиот договор и домашните колаборационисти“, објавена во весникот „Нова Македонија“.


Стојанов пишува: „ Со што ги принудија на таков чекор? Под каква ‘закана’ тие се нафатија на таков чекор? Кому од нив, или на член на нивните семејства им беше загрозен животот или безбедноста? Со што ги исплашија, ги измачуваа ли, ги ‘убија’ ли!? Во јавноста сведочевме дека самите тие доброволно, свесно и намерно влегоа во тој процес од почетокот до крајот – од „бомбите“ до конечната реализација на однапред планираното сценарио! Притоа, свесно лажеа, манипулираа и се колнеа во ‘семето’, ‘жицата’ и ‘племето’!“

„Уште од првиот ден на потпишувањето на тој договор, под туѓ диктат и исклучиво заради туѓи интереси, тие се фрлија на негово реализирање со религиска фанатичност, на која дури и нивните налогодавци се чудат! И веројатно се смешкаат. Многубројни се примерите за овој религиозен фанатизам на домашните ни колаборационисти:
‘Во однос на важноста на веќе постојните документи и материјали издадени од властите на Втората страна, Страните се согласни да има два преодни периода, еден ‘технички’ и еден ‘политички’ – стои во договорот! Техничкиот период за промена на документите со ‘северна’ е пет години, но јас добив регистарски таблици со НМК ‘утредента’ по потпишувањето на договорот! Фанатично, баш како што им прилега на вистински колаборационисти од убедување! Тие секогаш се и пред рокот, пред наредбодавецот дури тоа и да го побара од нив, тие ја исполнуваат дури и неговата помисла!“

„Политичкиот преоден период во чл. 1/10/б предвидува: ‘Издавањето на ваквите документи и материјали шт осе опфатени со оваа категорија во согласност со членот 1, став 3 ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската Унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш’. Значи, сите документи ќе се менуваат ОТКАКО ќе ги отвораме релевантните поглавја во преговорите и ќе биде финализирано во рок од пет години ОТТОГАШ! Значи, ако сте добиле пасош, лична карта, здравствена книшка, диплома со ‘северна’… слободно можете да им ја вратите, затоа што поглавјата Здравство, Образование… не се ни отворени, а камоли од отворањето да поминале пет години!“

„Фанатичните колаборационисти одат дотаму што исполнуваат дури и повеќе од она што го пропишува буквалното слово на договорот! Тие, во духот на нивните претходници, воведоа дури и ‘вербален деликт’, па го санкционираат секое изговарање на еретичкото име ‘Македонија’! Многу често по телевизии, на спортски натпревари, дури и на политички собири, голем дел странци го употребуваат зборот ‘Македонија’, но не и нашите фанатици! Иако договорот никаде не санкционира вербална употреба на името Македонија, тие се подготвени да воведат дури ако треба и санкција ‘вербален деликт’, само да бидат ‘поголеми католици од папата.“ – констатира Стојанов во својата колумна.

Интернет – врска до целата колумна:



https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/%d0%bf%d1%80%d0%b5%d1%81%d0%bf%d0%b0%d0%bd%d1%81%d0%ba%d0%b8%d0%be%d1%82-%d0%b4%d0%be%d0%b3%d0%be%d0%b2%d0%be%d1%80-%d0%b8-%d0%b4%d0%be%d0%bc%d0%b0%d1%88%d0%bd%d0%b8%d1%82%d0%b5-%d0%ba%d0%be%d0%bb/