Слободан Близнаковски, директор на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија, го навлече гневот на Македонците од Италија со непојавувањето на одбележувањето на десетгодишниот јубилеј на здружението „Камен Мост“ од Канели, иако дошол токму за тоа!



„Кога стигнаа во хотелот, ми пиша неговата придружничка дека требало да се сретнеме пред настанот, а јас ѝ реков дека не сум сигурна дали ќе имам време. Потоа ми се јави и ми кажа да отидам до кај нив, но јас не можев оти имавме подготовки. Половина час пред настанот таа пак ми се јави и ми рече дека тој се налутил и не сакал да дојде. Се чудев како да им објаснам на другите зошто ги нема. Од општината се фатија за глава дека е овде, а за банална работа не сака да присуствува“, ни објасни претседателката на „Камен Мост“, Илона Захариева.

Покрај нашинците, гостинот од Македонија на свеченоста го чекал и заменик-градоначалникот на Канели, Паоло Гандолфо, за да му врачи благодарница за соработката и пригодни подароци од општината во која живеат неколку илјади Македонци, но попусто.

„Си преспаа со државни пари една ноќ во хотел, си се прошетаа кај поподобни организации можеби и не се појавија на настанот. Ако ги формиравме за нив нашите организации, немаше да постои ниту една“, со горчина заклучува Захариева.

На настанот присуствувале генералниот конзул на Македонија во Венеција, Стојан Витанов, македонски активисти од Франција и од Швајцарија, од македонската заедница од Пјаченца, како и началникот на полицијата, претставници на Црвениот крст, на цивилната заштита, на синдикатот, на училиштето, на локалниот весник. Со други зборови, сите од поканетите освен – Близнаковски.