Коцарев: За да опстане Македонија, потребна е интегративната моќ на македонскиот јазик

„Поради неуките, неспособните и сервилните политичари, македонскиот јазик веќе, од гледна точка на законите и на правото, не е интегративен елемент. Тоа ќе донесе несогледливи последици за иднината на Македонија. За да опстане и да не се федерализира државата Македонија, пред сѐ, нам ни е потребен македонскиот јазик и неговата интегративна моќ. Преспанската спогодба, Договорот за добрососедство со Бугарија и Рамковната позиција на Република Бугарија создаваат предуслови македонскиот јазик, без наша грижа за него и со наша сестрана помош, да може да исчезне, да изумре во соседните држави.“ – вели академик Љупчо Коцарев, претседател на Македонската академија на науките и уметностите во својата колумна со наслов „За македонскиот јазик и неговата интегративна моќ“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Коцарев пишува: „Многу јазици изумираат. На нивното изумирање им претходат и закони, декрети, забрани, спогодби, договори или некакви други официјални документи, кои често не се подготвени и и не се донесени во духот на демократијата. Преспанската спогодба, Договорот за добрососедство со Бугарија и Рамковната позиција на Република Бугарија, го прават точно тоа: создаваат предуслови македонскиот јазик, без наша грижа за него и со наша сестрана помош, да може да исчезне, да изумре во соседните држави.

„Во денешнава колумна, во Годината во чест на Блаже Конески, а имајќи ги предвид неговите зборови: ‘Послушајте, Македонци! Јазикот е единствената наша татковина. Сѐ додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште’“ чувствувам потреба и одговорност да проговорам за македонскиот јазик во Македонија.“

„Македонскиот јазик долго време, и без државност, со својата внатрешна моќ за адаптација бил лингва франка, јазик користен од сите, на целата територија на етничка Македонија. Така, со векови и Турци и Власи и Албанци и Роми и Ладино Евреи и Ерменци зборувале на македонски и се разбирале меѓу себе на македонски. Македонскиот јазик сѐ уште  и денес ја поседува таа интегративна моќ во својата јазична структура. Македонскиот јазик со добивањето државност го доби и правото да биде државен и официјален јазик и сврзувачко ткиво на македонската држава.“

„Оттука, имајќи ја предвид основната функција на јазикот (како средство за комуникација, за општење на определена општествена заедница) и нашето мултиетничко општество, во интерес на сите општествени заедници, во интерес на нашата заедничка иднина, македонскиот јазик треба да биде јазикот што ги сврзува, што ги интегрира сите граѓани во Македонија.  Македонскиот јазик, во суштина, бил, а во интерес на сите нас е да настојуваме и натаму да биде лингва франка на територијата на Македонија. Но, очигледно, поради неуките, неспособните и сервилните политичари, македонскиот јазик веќе де јуре не е интегративен елемент. А тоа ќе донесе несогледливи последици за иднината на Македонија: кој не го гледа тоа всушност, не сака да види дека мултикултурализмот води до разнебитување на Македонија.“

„Во сите мултиетнички држави би требало (1) да се дозволат јазични права, што подразбира да се дозволи образовна и културна употреба на јазиците на заедниците; (2) да се дозволи секој граѓанин по потреба да има упатства и формулари, во таа смисла и информации и комуникација на својот јазик за граѓанските потреби, што денес со новите технологии лесно се постигнува; и (3) да има изборна опција секој да го учи јазикот на другиот. Во таа смисла, покрај употребата на службениот јазик, е полезна и употреба не само на уште еден јазик, туку и на јазиците на заедниците во државата каде што миграциските движења, природно, ја наметнале таа потреба.“

„Меѓутоа, македонскиот јазик треба да биде интегративен и како таков да се учи и да се употребува од сите граѓани во Македонија.“ – истакнува, покрај другото, Љупчо Коцарев, претседателот на Македонската академија на науки и уметности.

Врска до целата колумна:

https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/nas-stav/%D0%B7%D0%B0-