Грчката полиција разбила криминална група која за 30.000 евра им обезбедувала „оригинални“ грчки пасоши и лични карти на странски државјани со тешко криминално досие.



Криминалната организација била активна најмалку осум години, а уапсени се 20 лица меѓу кои и полицајци, јави дописничката на МИА од Атина.

Се проценува дека вкупната финансиска корист што ја добила криминалната организација е најмалку пет милиони евра.

„Криминалната организација составена главно од Грци, но и повратници од поранешни земјите на Советскиот сојуз, полицајци и други државни службеници, била активна најмалку од 26 април 2013 година и имала развиено мрежа на соработници и „издавала оригинални грчки лични карти, грчки пасоши и возачки дозволи на странски државјани со тешко криминално досие“.

Издавањето лични карти и пасоши, главно за странци, било „или со користење лажни податоци на непостоечки лица, или со користење на податоците на иселениците кои се со постојан престој во странство и не биле воопшто свесни за активностите на организацијата, или со користење на податоците на постојаните државјани, по претходна лажна пријава за губење на претходно легално издадена лична карта, или преку користење на вистински лични документи, преку незаконско стекнување со грчко државјанство“.

За издавање на секој документ заинтересираното лице плаќало паричен износ од најмалку 30.000 евра.

Досега се конфискувани над 600.000 евра, соопштија од Министерството за цивилна заштита на Грција.