„Дали зад сцената во СДСМ се развива сценарио за обединување на двете партиски структури и струи преку двајца кандидати за лидерската позиција и се глуми демократија внатре во партијата? – прашува информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата анализа со наслов „Двајца кандидати за претседател на СДСМ: глумење демократија, или продлабочување на поделбите во партијата?“
„Журнал“ пишува: „Официјално се поднесени две кандидатури за заменување на Зоран Заев на чело на СДСМ, откако во трката влезе и поранешната потпретседателка и поранешна пратеничка на СДСМ, Фросина Ременски. Кандидатурата на Ковачевски се очекуваше, но кандидатурата на Ременска претставува еден вид изненадување. Ременска беше своевремено близок соработник на актуелниот лидер на СДСМ и премиер Зоран Заев, но, односите им се ‘оладија’ по аферата ‘Изнуда’. Ременска беше постојано критична и не ги крие своето незадоволство и убедување дека СДСМ го заборави сиот нејзин придонес во најтешките периоди.“
„И покрај кандидатурата на Ременска, Ковачевски останува главен фаворит за заменување на Заев, благодарејќи на поддршката што ја има од него. Со оглед на се уште големото влијание што Заев ги има врз структурата на партијата и врз обичното членство, кое со директно гласање го избира претседателот на СДСМ, сигурно е дека Ковачевски ќе победи со поддршка од повеќе од 70 -80 проценти, или можеби ќе има и стопроцентна поддршка.“
„Во ситуација кога СДСМ не помина добро на локалните избори, за оваа партија е важно кон новиот лидер да нема незадоволство ниту од 2 отсто од членството, а камоли од 20 – 30 проценти. Ковачевски беше најавен како кандидат, кој има поддршка од ‘заевистите’, но и од другите струи во СДСМ, особено од струјата позната како ‘бранковисти’. Но, што ќе се случи, ако ‘бранковистите’ оценат дека Ременска е поблиска до нивниот концепт за градење на СДСМ отколку Ковачевски? Во таа ситуација јазот меѓу двете струи би можел да се продлабочи уште повеќе особено и затоа што Ременска ја има поддршката и од други високи личности на СДСМ во минатото, како што се поранешниот генерален секретар Кирацовски, поранешниот потпретседател Манчевски и др.“
Двајцата кандидати повикуваат на партиско единство!
„Не се исклучува можноста зад сцената да се развива сценарио за обединување на двете партиски структури преку двајца кандидати и преку глумење демократија внатре во партијата. Ваквата можност се насетува од зборовите, што ги одбраа двајцата кандидати, за да апелираат за единство во партијата. Меѓу другото, еве што вели Ременска: ‘Ова нема да биде битка на спротивставени идеи, туку ќе биде натпревар на мудроста. Секогаш кога мудроста ќе се обедини за заедничка цел, заради општото добро на државата и на граѓаните, резултатот не може да биде лош. Очекувам овој период СДСМ да го искористи за вистинско единство на членството, за консолидирање на редовите на партијата, за намалување на разликите меѓу одредени структури во партијата, бидејќи е многу важно каква визија ќе претставиме.“
„Внатрепартиското единство како своја цел го искажа и Ковачевски при поднесувањето на кандидатурата, велејќи: ‘СДСМ излезе на изборите без еден дел од коалициските партнери, без еден дел од граѓаните, без еден дел од политичките активисти, кои настапија со посебни листи и без еден дел од членовите на партијата. Се појави неединство. Едно од моите главни ангажирања ќе биде да го вратиме единството во партијата, да го вратиме единството во општеството, за да можеме да имаме уште посилна демократска партија и уште посилно општество.“
„Дали се работи за искрени повици за единство, или само за формални ставови, за да се придобијат колку е можно повеќе поддржувачи, ќе се види на 12 декември годинава, кога на крајот на изборниот Конгрес на СДСМ двајцата кандидати ќе си подадат рака еден на друг, или ќе се разделат незадоволни. До 3.декември 2021 година продолжува рокот за нови кандидатури и тоа може да го промени во голема мера текот на натпреварот за лидерската позиција во СДСМ.“ – заклучува „Журнал“ во својата анализа.





