Траги од истекување на гориво се гледаат на 300 метри од местото на несреќата каде изгоре македонскиот автобус на патот „Струма“ во Бугарија, констатирала инспекцијата на ресорното министерство, а објави министерката за регионален развој на Бугарија, Виолета Комитова во гостувањето во емисија на бугарската Нова ТВ.
Таа ги посочува и вчерашните презентирани наоди дека тој дел од делницата, всушност не е автопат како што се сметал туку обичен меѓуградски пат.
„До пред некој ден не знаев дека тој дел од „Струма“, каде се случи тешката несреќа, не е автопат, туку обичен широк меѓуградски пат. Со голо око сите гледаме дека патот е добар, но со голо око не можеме да ги почувствуваме падините на него“, вели министерката.
Таа потсетува и дека за овој пат не е завршена целосна експропријација на земјиштето, како и дека според проектот максималната дозволена брзина на делницата треба да е 90 километри на час, а не 120 како што била поставена.





