Проект „Отворено со граѓаните – создаваме нова иднина“- граѓаните ќе може да пријават злоупотреба на нивното право

Од Битола најавувам еден нов проект кој ќе го побарам од партиските органи, но и од луѓето коишто се мои соработници, а тоа е проектот „Отворено со граѓаните – создаваме нова иднина“ којшто е дел од столбот на неприкосновена борба со криминалот и корупцијата, соопшти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.



– Ќе работи тим кој ќе го сочинуваат професионалци и експерти, луѓе и од партијата, но од граѓанскиот сектор, каде што граѓаните ќе можат отворено да пријават доколку постои било каква злоупотреба на нивното право од страна на општинската администрација во оние општини во кои се разбира ВМРО-ДПМНЕ има мнозинство во советот и градоначалник. Но, истовремено ќе пријават свое задоволство и незадоволство и ќе ја следат реализацијата на програмата со којашто излеговме на овие локални избори за да можеме и ние како раководство и јас лично да го следиме она што сме го ветувале за време на кампањата. Затоа што не е само да ветите, туку и тоа што ќе го ветите треба да го испорачате, а тоа што го испорачувате треба да го испорачате чесно и достоинствено, затоа што граѓаните тоа го очекуваат од нас. Преку глава им е од батиња, татиња и слични злоупотреби кои се случуваа изминативе 4 па и повеќе години. Затоа ја користам оваа прилика да го соопштам овој проект овде пред битолската јавност, бидејќи за мене тоа значи многу, отворање на еден нов лист во начинот на функционирање на општинската администрација но и понатаму очекувам тоа да го пресликаме и во централната администрација, затоа што само на тој начин ние можеме да бидеме поуспешни доколку граѓаните бидат нашиот мотив, а правото и правдата бидат наша обврска во работењето, истакна Мицкоски.

– Настрана од сите шпекулации, сите зли јазици, сите злонамерни коментари. Ниту оваа администрација, ниту било кој од нас има концесија кон било кого, единствената концесија е кон битолчани и кон народот на Македонија и така и ќе работиме. Било која злоупотреба од било кого кој се повикува на некакви моќници и центар на моќ е лична и јас ќе бидам тој кој ќе биде првиот борец против таквите ликови кои ќе злоупотребуваат такви самонаметнати и самопрогласени центри на моќ, додаде тој.