ВМРО-ДПМНЕ: Власта предизвикува вештачка криза за да ја узурпира волјата на народот

Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ реагираат на засилената реторика од владејачките партии за тоа дека земјата се наоѓа во мошне деликатна меѓународна ситуација, поврзана со решавањето на спорот со Бугарија и преговорите за членство со Европската Унија.



– СДСМ и ДУИ не смеат и немаат никакво право и легитимитет да го киднапираат и да го држат во заложништво македонскиот народ, злоупотребувајќи го спорот со Бугарија, за кој, како Парламент и држава, на ден 29.07.2021 годинаизгласавме Резолуција, поднесена од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, априфатена едногласно од сите, со која се поставија нашите црвените линии во преговорите. Се’ останато, што се обидуваат да го направат, надвор од рамките на оваа резолуција, е само груба манипулација, дефокусирање и очаен обид за спас на оваа власт, на сметка на државата и граѓаните – изјави Дафина Стојаноска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија.

Таа реагира и наметнувањето на тезата дека СДСМ и ДУИ се прогресивната, про-ЕУ сила, што според нејзе е само лош изговор за пазарења, повторно на штета на државата и народот кој веќе ја развласти и делегитимира оваа власт. Држењето на власта по секоја цена нема да им помогне, бидејќи и во СДСМ и во ДУИ знаат дека ќе следува одговорност за сета корупција и криминално однесување.

– На сите ни е јасно дека не постои никаква безбедносна криза по прашањето за спорот со Бугарија. Единствената криза постои само во владата на СДСМ и ДУИ, колабирана од неспособност, неодговорност и корупција. (Артан) Груби и владата ја втурнуваат Македонија во вештачка криза, со издигнување на спорот со Бугарија на ниво на безбедносно прашање. Спорот со Бугарија не е безбедносно прашање, ниту пак спор од безбедносен карактер. Овој обид на Груби и на власта – да градат на оваа теза преговори, е поразителен за државата. Македонија е земја – членка на НАТО и со ова сите наши безбедносни прашања се затворени – додаде таа.