„Журнал“: Алтернатива го обвинуваше ‘хибридниот режим’ за корупција и криминал – сега станува негов дел!

„Во кампањата спроти локалните избори Алтернатива како дел на опозицијата остро ги обвинуваше политичките опоненти за корупција, криминал, многубројни злоупотреби, обвинувајќи ги и дека се ‘хибриден режим’. Сега кога Алтернатива станува дел на овој ‘хибриден режим’ сево ова би можело да создаде негативна слика во општеството: оние што изјавуваат дека се борат против злото сега стануваат дел на тоа зло.“ – вели информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата анализа со наслов „Што добива и што губи Алтернатива со своето влегување во Владата?“

„Журнал“ пишува: „Во просек во Македонија во албанскиот политички кампус постојат 10 – 15 илјади неопределени гласачи, кои во голема мера го поддржуваат политичкиот субјект, кој е во Владата. Алтернатива со влегувањето во Владата ќе може да ‘смета’ на овие гласови, бидејќи преку учеството во извршната власт ќе и се даде моќ и ќе и се овозможи вработување на нејзините кадри во администрацијата, или на раководните позиции во државните институции. Ова ќе биде важна добивка за оваа партија и таа на овој начин би можела да стане важен фактор на политичката сцена во Македонија.“

„Од гледна точка на добивките учеството во Владата се смета како неопходно по слабите резултати, кои Алтернатива ги постигна на изминатите локални избори. Тоа учество можеби ќе биде во голема мера ‘спасителот“ за Алтернатива во албанскиот политички кампус. Засилувањето на нејзините позиции во извршната власт ќе има последици за Алтернатива и кај електоратот: ќе ја направи политичка партија посакувана и од другите партии за можна коалиција на идните избори. Во исто време ова може да и даде добра преговарачка позиција за секој што ќе искаже интерес за соработка со неа.“

„Спроти локалните избори Алтернатива разви остра кампања кон политичките опоненти, кои беа дел на извршната власт, огласувајќи се со остри остри обвинувања кон нив за корупција, криминал, многубројни злоупотреби, обвинувајќи ги и дека се ‘хибриден режим’. Сега кога Алтернатива станува дел на овој ‘хибриден режим’ сево ова би можело да создаде негативна слика во општеството: оние што изјавуваат дека се борат против злото сега стануваат дел на тоа зло. Ова може силно да ја казни Алтернатива.“
„Станувајќи дел на извршната власт уште и пред да ги преземе сите позиции што ќе ги добие во Владата, Алтернатива би можела да се соочи со еден противефект, ако во таква ситуација се организираат и нови избори во Македонија: тогаш наместо да ги засили своите позиции и да ја зголеми за себе поддршката кај бирачкото тело Алтернатива би можела да заслаби уште повеќе како партија.“

„Влегувањето во актуелната Влада би можело да предизвика распад на коалицијата на Алтернатива со Алијансата на Албанците и во случај Македонија да оди на нови предвремени парламентарни избори Алтернатива не би била’доверлив’ партнер за ниеден политички субјект. Во таква ситуација настапувањето на Алтернатива сама на избори би било политичко самоубиство за неа, земајќи ги секогаш резултатите од последните избори и сликата што може да се создаде по влегувањето во Владата на Македонија.“ – истакнува во својата анализа информативната агенција „Журнал“, која важи во медиумскиот простор на Македонија како блиска до одделни струи во Демократската унија за интеграција.