Завршена средбата Заев – Гаши, Алтернатива блиску до влез во владата

Политичката партија Алтернатива е на чекор да стане дел од Владата откако вечерва лидерот на партијата Африм Гаши и претседателот на СДСМ, Зоран Заев по втор пат за нецели две недели се сретнаа во Клубот на пратеници во Скопје.



По завршувањето на четиричасовната средба ниту Заев ниту Гаши не сакаа да коментираат ништо освен дека средбата била конструктивна. Заклучоците од неа ги соопшти владината прес служба со соопштение до јавноста.

„На средбата беше постигната начелна согласност за програмскиот дел од можната идна соработка изразена преку политичко и извршно учество на Алтернатива во Владата. Соговорниците се согласни дека реформскиот и европскиот курс мора да продолжат и дека во овие моменти најважна е стабилноста на институциите на државата кои им служат на граѓаните. На средбата се разменија и мислења околу можните кадровски решенија за министри, заменици министри и други раководни луѓе во рамки на централната власт.“ – изјавија од Прес служба на Владата.

Во друштво на Заев и Гаши и вечерва беа Димитар Ковачевски кој завчера и официјално ја најави кандидатурата за претседател на СДСМ и Беким Сали кој, неофицијално, извори за ТВ 24 велат дека се споменува како можен нов министер за здравство откако двајцата лидери договориле овој сектор да му припадне на Алтернатива по нејзино барање.

Освен ова, вели истиот извор, било договорено на партијата на Гаши да и припадне и едно вицепремиерско место. За преземање на други функции од пониските ешалони на власта ќе се разговара дополнително тогаш кога ќе се официјализира влезот на Алтернатива во Владата.