Ултиматум на маскираниот убиец на трите жртви во Косово сам да се предаде

Министерот за внатрешни работи на Косово Џелал Свечла му постави ултиматум на извршителот на вчерашното тројно убиство во Косово да се предаде самиот. На денешната прес – конференција Свечла изјави: “Му поставувам ултиматум на убиецот да се предаде, бидејќи со секој натамошен ден тој им отежнува на другите. Тој што му помага се вмешува во кривично дело. Колку побргу убиецот ќе се предаде, толку подобро ќе биде за неговиот регион и за граѓаните на Косово. Решени сме да ги ставиме на располагање сите наши државни капацитети за разоткривање на овој случај.“ – јави косовскиот весник на албански јазик „Бота сот“.



Свечла кажа дека косовската полиција и обвинителството веќе располагаат со одредени информации: „Се обработуваат неколку траги, кои полицијата ги истражува. Се повикуваат граѓаните, кои имаат каква било информација за овој случај, да се обратат во полицијата и во обвинителството, за да може случајот час поскоро да се разреши.“

Косовските органи на прогонот веќе имаат сознанија дека едно маскирано лице, веројатно вооружено со автоматско оружје „калашников АК – 47“, со претходно испланирана намера го сочекало автобусот кај првите куќи во селото Глоѓане, застанало пред возилото додека тоа се движело со намалена брзина и тогаш пукало од оружјето во него, убивајќи ги двете млади лица на тинејџерска возраст, како и возачот.

Косовската полиција исклучи можност ова страотно убиство да е од терористички побуди и го оквалификуваше како „тежок криминален чин“.