Во досегашната истрага се сослушани осум лица, а на распит ќе бидат повикани уште за големата автобуска трагедија на автопатот Струма во Бугарија, во која загинаа 45 наши сограѓани, а меѓу првите кој е сослушан е и сопственикот на компанијата Беса Транс, чиј автобус целосно изгоре, изјави на денешната заедничка прес-конференција државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески, со неговите бугарски колеги.
„Осум записници од распит на сведоци се дадени на бугарските обвинители, со што би можело да се помогне во истрагата и расчистување на случајот. Во следните денови ќе сослушаме уште многу лица, и исто така записниците ќе бидат доставени до бугарските колеги“, нагласи обвинителот Јовески.
Според бугарскиот заменик јавен обвинител, од Окружното јавно обвинителство-Перник, сопственикот на компанијата Беса Транс не може да биде обвинет за сообраќајната несреќа, односно, конкретна вина се бара кај лице кое учествувало во превозот на патници или конкретно кај возачите.
-Сопственикот не може да биде обвинет бидејќи тој не бил возач на автобусот. Тој за конкретната несреќа не мода да биде обвинет“, изјави бугарскиот обвинител Михајлов, нагласувајќи дека кога настанала сообраќајната несреќа, со загинати, „за жал, се бара причина која треба да се утврди и конкретна вина кај лице“.







