Остануваме оптимисти за решение на прашањето со Бугарија до крајот на годината. Сметам дека се уште е реално да се очекува дека барем може да се подготви теренот за да се дојде до договор, што може да биде донесен во јануари. Сигналите од потенцијалниот нов премиер на Бугарија се охрабрувачки, тој има порационален пристап, велејќи дека историјата не треба да биде главно прашање во билатералниот дијалог, туку само дел од него, изјави во интервју за МИА словенечкиот амбасадор Милан Предан.
Тој смета дека од друга страна треба да бидеме реалисти, бидејќи времето е кратко, само две-три недели до 14 декември кога ќе се одржи Самитот на ЕУ и кога би требало да биде донесена формална одлука за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија.
„И ова е тесна временска рамка. Особено ако ја земеме предвид актуелната ситуација во двете земји – во с. Македонија и во Бугарија. Но, се надеваме дека ситуацијата во земјава ќе се разјасни во наредните денови со цел да се види дали власта ќе има ново мнозинство во Парламентот и тоа ќе биде многу важно. Сега имаме премиер во оставка и важно е да имаме силна политичка влада со цел таа да може да носи тешки политички одлуки.
И конечно, за да се дојде до решение со Софија ќе требаат големи политички одлуки.
На другата страна имаме ситуација и во Бугарија. Добрата работа таму е што ќе се формира влада по третите парламентарни избори, таму се избра и претседател, но тешко е да се очекува дека тој самиот, без конститутиран Парламентот, ќе носи политички одлуки“, вели Предан за МИА.
Целото интервју на словенечкиот амбасадор заедно со видео материјалот ќе биде објавено утре.







