„Грст политичари за грст долари нѐ држат во заложништво веќе 30 години. Време е за промени! За да не изумре Македонија, време е да излеземе од рововите, време е да се обединиме, време е да престанеме да се бориме меѓу себе, туку да се бориме против корупцијата и да се спречи фрагментирањето на Македонија како држава.“ – вели претседателот на МАНУ Никола Коцарев во својата колумна со наслов „За ежовите, за лисиците и за грст долари“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Коцарев пишува: „Триесетгодишната историја на Македонија нѐ учи дека не е важно кој во моментот владее, поголем дел од оние што се наоѓаат во рововите ќе останат таму, можеби ќе сменат страни, но ќе бидат внатре во нив, а борбите ќе продолжат со несмалена жестокост, притоа, затоа што нема индикации дека воопшто ќе завршат, се чини ќе траат во недоглед, до целосно истребување, изумирање на Македонија.“
„Оттука, клучното прашање е: како понатаму? За да не изумре Македонија, време е да излеземе од рововите, време е да се обединиме, време е да престанеме да се бориме меѓу себе, туку против корупцијата, дивеењето, алчноста, нечесноста, сервилноста на сите владејачки гарнитури, какви и да биле: леви, десни, шарени, еднобојни, во центарот, на периферијата. Време е предизвиците во Македонија да ги разгледаме, анализираме, решаваме, користејќи пристап што обединува, синтетизира и интегрира.“
„Во Македонија со етномнозинскиот модел извршната власт се распределува меѓу победнички партии од двата етникума и тоа доведе до еродирање на демократијата, федерализација и нестабилно владеење. Тоа, всушност, се реализира преку два паралелни процеса, етнодиференцијација, фрагментација на општеството и продлабочување на јазот помеѓу Македонците и Албанците во Македонија.“
„Затоа, потребна е примена на интеркултурализмот. Политиките на интеркултурализмот, за разлика од мултикултурализмот, имаат моќ да го заштитат бесконечното делење (фрагментирање) на државата врз начелото на различните етнички, религиски и јазични припадности, па затоа, предлагам, веднаш, но со голема посветеност и внимателност, тие политики да се спроведуваат во Македонија. Паралелно со зајакнување на владеењето на правото и подобрување на судската независност, предлагам воведување елементи на делиберативна демократија (нови форми на директна демократија, на пример, народно вето, отповикување избрани претставници, петиција, граѓанска иницијатива, референдум преку нови законски решенија).“
„Грст политичари за грст долари нѐ држат во заложништво веќе 30 години. Време е за промени!“ – заклучува академик Коцарев во својата колумна.
Линк до целосниот текст:
https://novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/ за-ежовите-за-лисиците-и-за-грст-долар-2/





