Владата на денешната седница не ги донесе мерките за вакцинација кои минатата недела ги предложи Комисијата за заразни болести, туку побара Комисијата да ѝ достави дополнителни анализи и мерки.
„Тргнувајќи од неприкосновениот факт дека масовната вакцинација е најефикасен одговор за заштита од последиците и за спречување на ширењето на пандемијата со ковид-19, Владата заклучи да побара од Комисијата за заразни болести дополнителни анализи и компаративни студии за предложените мерки, но и предлози за дополнителни мерки за поттик за масовна вакцинација“,соопштија од Владата.
Додека ги очекува анализите и дополнителните мерки, побарано е од сите надлежни министерства и инспекциски служби да ги зајакнат контролите за спроведување на актуелните мерки особено дали се проверуваат сертификатите за вакцинација, ПЦР тестовите и потврдите за прележан ковид. Како што велат, се бара ригорозна проверка на идентитетот на лицата кои ги користат сертификатите за влез во објекти односно дали има нивна злоупотреба.
Исто така, сите министерства, јавни претпријатија и државни агенции треба да направат скрининг колку од вработените во администрацијата се вакцинирани. Од нив се бара и да дадат предлози за стимулација на вакцинацијата, како и правно издржани предлози за рестрикции во однос на правото на дежурство, прекувремена работа, службени патувања и рестрикции за другите опции кои им носат дополнителни приходи на административците.





