Од 1 јануари во Србија по 2,5 илјади евра за прво дете

Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека од Нова година државата ќе им исплаќа на родителите по 300 илјади динари (околу 2,5 илјади евра – н.з.) за првородено дете, односно три пати повеќе од досега.



Мерката има цел да го подобри наталитетот, откако кај северниот сосед на Македонија во минатата година беа родени најмалку деца во последните сто години.

„Исчезнуваме како нација. Стапката на родност во Србија е малку над 1,5, а потребно е 2,1“, истакна Вучиќ при претставувањето на новите демографски мерки.

Шефот на српската држава најави посебно зголемување на износот за второ дете, нарекувајќи го „пресвртница“, бидејќи најголемиот дел од семејствата имаат само еден наследник.

Пакетот опфаќа зголемување и на надоместот за трето и за четврто дете, како и парична помош за младите брачни двојки за купување стан.