Избегнувајќи го новото име на македонската држава, Мустафа Карадај, претседател на Движењето за права и слободи (ДПС) околу кое гравитира турското малцинство во Бугарија, ѝ изрази сочувство на „братска Македонија“ за автобуската несреќа на автопатот „Струма“.
„Од името на Движењето за права и слободи, им го искажувам своето искрено сочувство на семејствата и на блиските на загинатите во тешката сообраќајна несреќа на автопатот ‘Струма’. Загубата на животите на невини луѓе и на деца е ненадоместлива, како за Бугарија, така и за братска Македонија.
Жртвите во оваа ужасна несреќа не се прежалуваат и не се делат според својата националност, религија или етнос.
Движењето за права и слободи инсистира сите компетентни органи ангажирани во случајот да дојдат до вистината за да бидат спречени други вакви инциденти. Движењето за права и слободи им посакува брзо закрепнување на настраданите, многу сила и борбен дух“, порача лидерот на партијата со 34 пратеници од вкупно 240 во бугарското Народно собрание.






