Најмалку 45 лица загинаа во сообраќајна несреќа на автопатот „Струма” во Бугарија, кога се запалил автобус со македонски таблици што сообраќал на релација од Истанбул до Скопје.
Во автобусот патувале 52 лица. Меѓу загинатите има 12 малолетници, меѓу кои и двајца близнаци. Во несреќата загинал и возачот. Преживеале 5 лица – 2 жени и 5 мажи кои се сместени во болницата „Пирогов“
Автобусот влегол во Бугарија од Турција преку ГП „Капитан Андреево” нешто по 21 часот, а несреќата се случила околу 02 часот на автопатот „Струма” на правецот Софија – Благоевград.
Како што изјави за бугарските медиуми началникот на Пожарникарската служба Николај Николов, во автобусот патувале 53 лица. Загинале 45, а останатите се пренесени во болница. Автобусот е опожарен, а на местото на несреќата се уште се птотивпожарни екипи и медицински тимови.
Сочувство за загинатите изрази премиерот Зоран Заев, кој бил информиран за несреќата од бугарскиот премиер Стефан Јанев.
Заев кажа дека веднаш заминува за Бугарија, а таму се упатени и надлежни екипи од Македонија.
„Не знаеме дали се македонски државјани, но претпоставуваме дека се Македонци. Ги известив македонските служби да ги подготват нашите екипи и да пристигнат на местото. Одам во Бугарија да ги посетам луѓето во болницата. Трагично е што меѓу жртвите има и деца. Ќе им бидеме многу благодарни на бугарските власти доколку ги откријат причините за инцидентот и ги споделат со Македонија.
Голема трагедија, голема е нашата болка и сочувство до семејствата на загинатите. Господ да им ги упокои душите и да се молиме за добро здравје на преживеаните. Првичните информации се дека се враќале од патување од Истанбул, изјави Заев.






